Откако Димовски не заврши, новиот директор на АНБ ќе реферира пред Владата за „Онишченко“

Премиерот на 23 декември изјави дека новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски, ќе продолжи онаму каде што застана неговиот претходник Виктор Димовски, во врска со истрагата за пропустот на Агенцијата во случајот „Онишченко“, како и со реферирањето за резултатите од неа пред надлежната собраниска комисија и пред Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде се консултациите меѓу него, претседателот на државата и министерот за надворешни работи во врска со тоа дали Димовски ќе оди за амбасадор во Франција или не, Ковачевски рече дека акредитацијата и упатувањето амбасадори не е нешто што се коментира во јавноста од причина што и самите одлуки се носат на затворени седници во Владата

По реферирањето пред собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) за случајот „Онишченко“, новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски, за истрагата околу дадената согласност за издавање на македонски пасош на контроверзниот Украинец ќе треба да поднесе извештај и до Владата на затворена седница.

Ова денеска го соопшти премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за време на промоцијата на нова инвестиција во ТИРЗ Скопје.

Ковачевски не прецизираше кога директорот на Агенцијата задолжена за националната безбедност ќе го поднесе извештајот, наведувајќи само дека тоа ќе биде на една од наредните седници на Владата.

Премиерот на 23 декември изјави дека новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски, ќе продолжи онаму каде што застана неговиот претходник Виктор Димовски, во врска со истрагата за пропустот на Агенцијата во случајот „Онишченко“, како и со реферирањето за резултатите од неа пред надлежната собраниска комисија и пред Владата.

„Новиот директор на АНБ веќе реферираше до Комисијата за надзор на безбедносните служби во Собранието. Јас нормално дека немам извештај од тој состанок, но на една од наредните седници на Влада, со оглед дека не беше завршено излагањето на претходниот директор, новиот ќе треба да поднесе извештај и до Владата, се разбира, на затворена седница“рече Ковачевски.

Претходниот директор на АНБ, Виктор Димовски, како што потсети и примерот, за скандалот „Онишченко“ реферираше на затворена владина седница кон крајот на ноември, минатата година. Претходно, за улогата на АНБ во давањето согласност за издавање на македонско државјанство на Украинецот, кој е на црната листа на САД, тој даваше извештај пред надлежната собраниска Комисија. Но оваа, седница беше прекината, поради безбедносен пропуст, откако аудио од дел од неговото излагање протече на собранискиот јутјуб-канал.

Димовски го откри пропустот во случајот „Онишченко“: Последната алка во безбедносната проверка не се консултирала со партнерите од НАТО

Неговиот наследник пред надлежната комисија во Собранието се појави на 27 декември, но поради класифицираноста на информациите јавноста беше ускратена за информација повеќе во врска со евентуално нови наоди за пропустот на АНБ со Онишченко.

По завршувањето на седницата на собраниската Комисија, Милошевски во куса изјава за медиумите, рече дека ја исполнил својата законска обврска да реферира пред надлежната собраниска Комисија, но поради сензитивноста на материјата рече дека не може да сподели детали.

Директорот на АНБ остана затворен и по затворената седница за „Онишченко“ – Пренџов се отвори за критики кон Агенцијата и Владата

Инаку, токму случајот „Онишченко“ го доведе под знак прашалник упатувањето на Димовски за амбасадор во Париз. Иако, неговото заминување од директорската позиција беше аргументирано со тоа дека за него веќе бил издаден агреман од Франција, сепак, претставници на македонскиот државен врв, меѓу кои и претседателот на државата Стево Пендаровски изјавија дека ако се утврди негова одговорност за Онишченко, тој нема да оди за амбасадор во Париз.

Виктор Димовски може и да не замине за амбасадор по критиките од влијателни земји за случајот со „Онишченко

Ова прашање и понатаму останува отворено, а повеќе информации за него денеска не сакаше да сподели премиерот Ковачевски, кој одговарајќи на новинарско прашање до каде се консултациите меѓу него, претседателот на државата и министерот за надворешни работи, рече дека акредитацијата и упатувањето амбасадори не е нешто што се коментира во јавноста од причина што и самите одлуки се носат на затворени седници во Владата.

„Ние во моментот имаме повеќе испразнети места и тоа во клучни престолнини во Европа кои се наши стратешки партнери и нормално дека во рамки на своите надлежности заедно со претседателот на владата и со МНР правиме консултации овие места да бидат пополнети. Во однос на конкретни именувања и упатувања, тоа се прави врз основа на завршена целосна постапка и сметам дека така треба да остане и во иднина“изјави Ковачевски.

Back to top button
Close