Откако ДУИ се најде во учебник, од МОН порачаа дека ако некому му пречи треба да пријави

Повлекување на учебникот по албански јазик за петто одделение, но и на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, веќе побараа од опозициската Алијанса за Албанците

Доколку кој било граѓанин, група граѓани или здруженија имаат забелешки во однос на содржината во некој од учебниците и сметаат дека таа е несоодветна, тоа можат да го пријават до МОН, по што забелешките ќе бидат разгледани и ќе биде донесена соодветна одлука.

Ова попладнево редакцијата на „360 степени“ го доби како одговор од Министерството за образование и наука (МОН) во однос на тоа што во лекција од учебникот по албански јазик за петто одделение, каде што учениците учат за кратенки на држави и организации, како пример е посочена и кратенката за Демократската унија за интеграции – ДУИ.

„МОН и Педагошката служба како институција задолжена за спроведување на постапки за изработка и одобрување на учебници се отворени за соработка и за сугестии по содржината на секој учебник. Сите забелешки се доставуваат на електронската адреса: [email protected]“, додаваат од МОН.
Учебникот во кој се „протна“ ДУИ е издаден годинава. Негов автор е Вехби Кадриу, а издавач е МОН.

Делот од лекцијата каде што се споменува ДУИ во која се учи за тоа како правилно се пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, гласи:

„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки. Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Демократска унија за интеграција) итн.“,

По однос на содржината на учебникот, во меѓувреме стигна и првата реакција од опозициска партија од албанскиот блок. Реагираше Алијанса за Албанците (АА), од каде што содржината на учебникот ја нарекоа скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда и обвинија за политизација и партизација на образованието.

Оттаму побараа повлекување на учебникот, а заедно со него повлекување и на министерот за образование Јетон Шаќири од функцијата.

Back to top button
Close