Откако се појавив во спотот, СДСМ почна организиран напад против мене, се пожали кандидатката за пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатката за пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна едицина, Тамара Михајловска која има главна улога во еден од предизборните спотови на партијата, денеска застана на прес-конференција пред партиското седиште и се пожали на говор на омраза против неа.

Откако се појавила во спотот вели дека била цел на оранизирани напади, за што ја обвини владејачката СДСМ

„Сексизмот, навредите и говорот на омраза организирани од СДСМ, упатени кон мене го покажува понижувачкиот однос на Зоран Заев и СДСМ кон жените и женските права. Македонија ја направија држава каде е срамно да се појавиш во спот, а не е срамно да рекетираш пари. Каде е срамно да ја кажеш вистината, а не е срамно да соработуваш со криминалци. Токму затоа, многу млади луѓе си одат од земјата, а јас после ова сум уште похрабра, поодлучна да го дадам својот придонес кон оваа недемократска и ненародна власт која ги потценува и деградира жените. Веднаш откако излезе видеото, во кое се појавувам јас, СДСМ излезе со организиран напад против мене како жена, со крајно вулгарен и недоличен речник, сакајќи да ме дискридитираат. Нападите кон жена се израз на немоќ и страв од пораз на хибридниот режим. Сликата која е полна со сексизам, говор на омраза и навреди, за жал е одраз на власта во заминување. Понижувачкиот однос кон жената е срамно дело на Зоран Заев и навреда за сите жени во државата “,порача таа.

Друштво на пресконференцијата и правеше поранешната техничка министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која побара извинување од СДСМ.

„Сето ова што и се случува на Тамара е чист говор на омраза. Лажните вести, антисемитизмот, нетрпеливост, кои лидерите на СДС и нивните гласноговорници го шират добија нов лик – сексизам. Додека политичкото лидерство на СДС директно и индиректно се користи и поттикнува користење на вакви алатки за лична дискредитација и девалвација на противникот, се прашувам како тоа Царовска вчера истакна дека пред идното Собрание ќе се најде целосно нов Закон за заштита и спречување на сите форми на насилство врз жените..Веднаш бараме извинување од страна на СДС, Зоран Заев и нивните луѓе одговорни за односи со јавност.“, изјави Мизрахи.

Back to top button
Close