Откажана манифестацијата ,,Голачките фолклорни средби” поради пандемијата

Делчево, 6 август 2020 (МИА) – Во Делчево откажан традиционалниот меѓународен фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби“. Организаторите информираа дека настанот кој секоја година се организира на планината Голак ноќта на 8 спроти 9 август се откажува поради актуелната пандемија.

– Почитувајќи ги препораките од Комисијата за заразни болести и од Владата на РСМ, како организатори на фестивалот, Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ одлучија годинава да не се одржи фестивалот, кој вообичаено собираше илјадници гости на падините на Голак на врвот Чавка, покрај манастирот посветен на „Свети Пантелејмон“, информираа организаторите.

Голачките фолклорни средби традиционално се одржуваа ноќта како дел од одбележувањето на верскиот празник „Св. Пантелејмон“ и го обединуваа културното и верското наследство од овие простори.

Од активностите кои претстојат на културен план во Делчево за утревечер, 7 август 2020 година е закажан настанот „Делчевска културна разгледница“.

– На настанот со свои поетски и прозни творби ќе се претстават роднокрајни автори од делчевско. Предвиден е и театарски дел со настап на популарното „Експериментално театарче“ со изведба на сатира напишана од афористичарот Миле Ѓорѓијоски, информираа дел од учесниците.

Настанот е во рамки на Делчевското културно лето под маски во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров“ од Делчево.

Back to top button
Close