Откинато од душа

(Мишо Китаноски: „Прстен и парфем.“ – Скопје, „Арс Либрис“ 2020)
Во својот предговор кон германското издание од 1928 на мега-романот „Браќа Карамазови“ таткото на модерната психоанализа Зигмунд Фројд зборува за една „безмерна добрина“ за која вели дека била главна црта во структурата на личностa на писателот Фјодор Михаилович Достоевски. Таа карактерна црта нашла свој израз (и) во клучните ликови на неговата уметничка проза.
За авторот на тој предговор нема сомнение дека таа „безмерна добрина“ на Достоевски била одбрана и брана пред огромниот притисок на еден основен, деструктивен порив (thanatos). Тој порив се кроти и смирува во еден фиктивен, уметнички свет во кој доминираат „насилни карактери, убијци и егоцентрици.“ Од своја страна, истиот тој свет допушта да се мисли, според оптиката на Фројд, дека „такви тенденции постојат“ и во длабоката интима на знаменитиот руски писател. Накусо, станува збор за силна врска меѓу интимата на Достоевски и ликовите од неговата проза. Тие се „еманација“ на таа интима, како што велеше некогаш писателот Димитар Солев. Или, уште подобро, сите тие се маскирани детали/фигури од неговата афективна биографија.
Такви, упадливи и силни афективни црти од (авто)биографска природа има и вториот дел од книгата раскази „Прстен и парфем“ од писателот Мишо Китановски кој носи наслов „Истрагата ја води Агата Кристи.“ Под него се додава следново појаснение: „Кон оригиналниот записник од судењето на убиецот, кој е осуден на доживотен затвор, како негов составен дел се додадени и овие два документа напишани на англиски и на германски јазик.“ Тоа појаснение има своја непосредна врска со три други. Тие се даваат на три засебни стрaници од првиот дел на книгата. Во тој прв дел влегуваат шест кратки раскази со звучни наслови: „Прстенот на Мис Стон“, „Стрелањето на Мирослав Крлежа“, „Срцето на доктор Арчибалд Рајс“, „Парфемот на Сара Бернар,“ „Револверот на Мара Бунева,“ „Мојот татко, другарот Сталин“ и „Козите на Лазар Колишевски.“
Врска по длабочина
Првото појаснение е посвета која по јасен (иако дискретен) начин упатува на удрена душа за која нема лек: „на мојата никогаш непрежалена ќерка Сандра Китаноска, за да не и се заборави името и постоењето…“ Второто зборува за генезата („предисторија“) на расказите. Сите тие потекнувале од некои „драмски етиди“ кои ги загубил авторот на книгата за да се јават, по десетина години, во облик на проза: „на уште почуден начин;“ „сега, се престорија во овие редови.“ Третото појаснение игра улога на индиректна мотивација на расказите. Авторот изјавува дека и ликовите и настаните поврзани со нив се вистинити со напомена дека „само некои од нив“ биле или „измислени“ или „проширени.“ Дали тоа важи и за оние „документи“ кои биле напишани на англиски и на германски, а кои се додаваат кон записник од судењето на еден брутален убиец? На тоа прашање ќе одговорам малку подолу, индиректно. Сега ќе укажам на една малку видлива, но затоа пак многу важна врска меѓу шесте раскази од првиот дел на писателот Китановски и подолгиот расказ од вториот дел, поправо истрага на славната писателка на детективски романи од класичен тип Агата Кристи.
Дали и кои настани се „измислени“ или „проширени“ во расказите кои зборуваат (на директен или индиректен начин) за Сталин, генерал Депре или за Колишевски? Тоа прашање е неважно како за обичен читател, така и за оној што мисли дека има добар увид во тајните на раскажувачката проза. Неважно е, меѓутоа, сè до оној момент додека не се соочи со детали или настани (такви нема во прозата на Китаноски) кои влегуваат во конфликт со онаа слика за тие ликови, веќе довршена и смрзната во колективната меморија.
Тоа важи како за писателката Агата Кристи, така и за основоложникот на психоанализата Зигмунд Фројд, главни ликови на вториот дел од книгата „Прстен и парфем.“ Од своја страна, токму тоа кажува (на свој начин) дека читателот „знае“ оти, донекаде бајколиката приказна за славната Сара Бернар која дошла на солунскиот фронт во Првата светска војна и, на „прв поглед,“ се вљубила во војникот Митре Кочоф од Вевчани („овој ангел ми го грабна срцето, затоа ќе го земам и ќе го однесам во Париз“), може да биде плод на војнички фолклор колку и вистина, како што „знае“ дека: и белешките на служавката на Кристи (пишува роман под наслов „Глувонемиот“), и сеансата на главниот лик од тој роман во кабинетот на Фројд се – фикции. Тие играат улога на докуменити.
Токму тоа „знаење“ ги поврзува шесте раскази од првиот дел со вториот во кој А. Кристи пишува роман за „Глувонемиот“, а пак првото име на модерната психоанализа го прима на сеанса тој јунак во својот кабенет. Тој бара лек и спас од својот кошмарен сон кој го измачува полни 20 години. Или, како што вели сам: „7350 ноќи;“ „се однесува [тој сон] само на мојата ќерка Сани;“ „бара од мене да ја одмаздам;“ „како татко сум бил понижен до дното;“ „така ќе сум го покажел и на дело своето татковство.“
Како во крим-романите
Главна наративна стратегија на првите шест раскази од книгата за која тука станува збор е да се постигне ефектот „како во животот.“ Стратегијата на вториот дел е обратна. Таа се грижи да го постигне ефектот „како во крим-романите“ на Агата Кристи. Не сум сигурен дека изразот „се грижи“ е најпогоден за вториот дел од книгата на писателот Китаноски. А еве и зошто.
Тој втор дел е потресна исповед на човек кој доживеал ненадоместлива загуба и затоа не гледа веќе никаква смисла во својот живот. Тоа што неговата исповед се дава во облик на истрага на славна писателка на детективски романи не значи дека е последица на амбиција да се постигнат некои уметнички ефекти. Значи, во прв ред, дека тој ни по дваесет години не може да најде добар одговор на прашањето: како е можно тоа „во животот“ што е, по правило, можно многу повеќе во детективските романи? Ете и зошто таа болна и потресна исповед која не може да биде „реконструирана“ (таа постапка ќе го „зближи“ реконструкторот со бруталниот убиец; во тој случај тој би извлекувал дури темно задоволство од тој чин?), туку само пре-обликувана за да може воопшто да биде рас-кажана. А зошто може (и треба!) да биде раскажана? Затоа што „зборот“ и, по аналогија, секое рас-кажувањето „е порив и за смисла не прашува“ (Конески). Тој порив (eros) е на страната на животот во споредба со оној (thanatos) кој e на страната на смртта и за кој, во детали, зборува првото име на психоанализа во својот предговор кон романот „Браќа Карамазови“ од Достоевски.
Ни изразот „потресна исповед“ на човек кој доживеал стравотен удар од судбината не е најпогоден како опис на одлки на рас-кажувањето од вториот дел на книгата „Прстен и парфем.“ Се исповеда некој што направил престап. Тој го носи престапот како бреме во својата душа и, на тој начин, сака барем малку да се ослободи од тоа што силно го „притиска и пече“ (А. Шопов). Дали некој човек кој доживеал стравотен удар од судбината (во текот на „7350 ноќи“ се обвинува себеси дека се занимавал со свои, тривијални работи додека бруталниот убец на неговата ќерка Сани ја давел со нејзините хулахопки, а потоа ја силувал), не мисли повеќе на себеси, а помалку на покојно чедо, иако вели дека неговото рас-кажување е нешто како воскресение на тоа чедо, макар и на еден симбоиличен начин? Токму таа упадлива функција на механизмот исповед се препознава како доминанта и токму таа, на свој начин, го разагорува место да го гаси чувството на вина кај човек кој доживеал страшна, ненадоместлива загуба.
Ете зошто авторот на овие редови мисли дека е поблиску до вистината ако ги нарече расказите од книгата „Прстен и парфем“ откинато парче душа кое крвави како стапалата на она момче што го води коњот на Американката Мис Стон од Пирин кон Струмица. Уште збор-два зошто главниот јунак на романот кој го пишува писателката А. Кристи е – глувонем. Тој е таков не затоа што така бара главната одлика на детективскиот роман (се вика „суспензија;“ помага да се одлага разоткривањето на убиец), туку затоа што силните духовни потреси доведуваат до парализа. Денешната медицина ја вика интензивна депресија таа парализа. Таа може да се ублажува, но не и да се лекува затоа што „ништо не лекува/ само нè слекува до основната болка.“ (Конески)
Aтанас Вангелов

Back to top button
Close