Отпушок од цигара можна причина за пожарот кај Блаце, вели Ангелов

Фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување е можна причина за пожарот што вчера попладне избувна во скопско Чучер Сандево, над магистралниот пат Скопје-Блаце, утрово соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Тој информираше дека два полициски и еден армиски хеликоптер, како и еден „хермелин“ со цистерна, еден „пинцгауер“ и едно теренско возило „амарок“, сите во сопственост на ДЗС, дејствуваат како поддршка на скопската противпожарна бригада, која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар.

„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“, рече Ангелов.

Тој апелира до граѓаните доколку забележат пожар веднаш да пријават на бројот 112.

МВР доцна синоќа информираше дека е нормализиран сообраќајот до граничниот премин „Блаце“ и дека е укината забраната за движење за товарните возила и автобусите која беше воведена вчеравечер откако се прошири пожарот над магистралниот пат Скопје-Блаце.

Back to top button
Close