ОТРУЕНИ, АМА НАСМЕАНИ

Ако чекаме премиерот да ни каже дека воздухот во Скопје е чист, иако штипе за нос од смрдеа затоа што заспиваме и се будиме во чад од запалени депонии, тогаш како граѓани сме дојдени до тешко психопатолошко дереџе. А премиерот сфатил со кого си има работа и затоа може да ни кажува дека воздухот само изгледа загадено, ама параметрите не се толку алармантни. Што е алармантна загаденост? Уште не паѓаме како зашеметени муви по улици. Само уште да ги ставиме розовите очила, па и чадот ќе ни се гледа розов. Како што ни е розова иднината.

Нели, владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборнава кампања за локалните избори ни вели „Најдоброто допрва доаѓа“. Само треба да почекаме истиве што се на власт во скопските општини веќе четири години, заедно со централната власт што има апсолутна моќ повеќе од една година, пак да победат на избори за да ги средат и депониите.

Премиерот Христијан Мицкоски вели: „Вистинското прашање е кому одговара сето ова“. Па тој треба да одговори на тоа прашање. Па ни вели: „Знаете кому одговара ваква ситуација“. Не знаеме. Од каде да знаеме? Ај сега, со теории на заговор ќе се правда, за на крај математички прецизно да констатира: „Чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што директори се кадри на ДУИ се случуваат вакви работи“.

Стварно? Чудно е? Ама, најчудно е како власта со стабилно мнозинство во Собранието и со апсолутна доминација во сите државни институции и во најголемиот број Општини ја решава еколошкава катастрофа со теории за заговор.

Сигурно има луѓе што му веруваат на Мицкоски дека платата им расте, иако со тие пари секој месец можеш да купиш сѐ помалку. Или, и да не му веруваат, си нашле некој есап дека тоа не им пречи. Ама, каде ли најдоа есап во тоа што ги убедува дека воздухот не е загаден, а се гушат? Со помалку храна, со помалку кафеана, со помалку патување, со помалку култура… се живее. Ама се живее ли, бре, без воздух?

Одамна престанав да се чудам како граѓаните се навлекуваат на приоритети што им ги наметнуваат партиите. До гуша сме во ѓубре, ама си викаме: ќути може и полошо, ѓубрето да нѐ затрупа преку глава. И ако лидерот каже дека воздухот е чист, тогаш нема што да дебатираш дали е чист, или загаден. Па и да е загаден, дали е доволно алармантно загаден. Така нѐ научиле. Власта да ни кажува што ни се приоритетите за живот.

Партиите реагираат на тоа што им го бараат гласачите. Ако гласачите не бараат чист воздух, зошто тогаш партиите би им го нуделе?

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close