Отстранета статуата на Кристофер Колумбо од Сан Франциско

Контроверзната статуа на италијанскиот истражувач Кристофер Колумбо е отстранета од американскиот град Сан Франциско, откако демонстрантите изразија загриженост дека станува збор за симбол на угнетувањето, јави ДПА.

Статуата тешка два тона, која беше подигната во 1957 година, вчера беше демонтирана по налог на градскиот совет, откако беше мета на протести и вандализам во последните години, објави „Сан Франциско Кроникл“.

Претставничката на градските власти Кетрин Стефани го нарече отстранувањето на статуата „неопходен чекор“ и рече дека споменикот ги претставува „болните темели“ од историјата на земјата.

„Ропството, потчинетоста и освојувањето што сите ние мора да ги осудиме … статуата претставувала измислена пригодна верзија од нашата историја, славејќи го човекот додека ја игнорирал траумата што ја предизвикале неговите дела“, оцени Стефани на својот налог на Твитер.

Минатата недела, во градот Бостон беше обезглавена статуата на Колумбо. Друг споменик беше запален и фрлен во езеро во државата Вирџинија.

Масовните протести против полициското насилство и системскиот расизам во САД доведоа до преипитување на историјата и демонстрантите бараат отстранување на сите симболи кои го глорифицираат угнетувањето на Афроамериканците или другите малцински групи во земјата.

Колумбо беше еден од првите Европејци во Новиот свет и честопати се нарекува откривач на Америка. Историчарите и активистите за граѓански права, сепак, го критикуваат Колумбо поради поробувањето на домородните Американци.

„Отстранувањето на статуата не е заради бришење на историјата“, рече Стефани.

„Станува збор за покажување љубов кон нашите пријатели и соседи кои страдаат во овој момент, кон заедниците кои со векови страдаат“, напиша Стефани на Твитер.

Back to top button
Close