Отворање на фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ денеска свечено ќе биде отворен во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“, голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години.

Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, како што соопштија организаторите од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка, и во партнерство со Тиииит! Инк., Музејот на современата уметност – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите.

Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand
Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, стои во соопштението, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во
Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.

Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување.

Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија.

– Панкот во Словенија бил и форма на левичарски, просоцијалистички отпор – поврзан со работнички протести и ЛГБТ активизам. Панкот отсекогаш бил тесно поврзан со работничките протести, играјќи улога на културен сојузник во борбата за правда и општествени промени. Од Југославија до денес, панк-бендовите ги поддржувале протестите со музика и јасна политичка порака. И денес, панкелементите се препознаваат во современите работнички побуни како симбол на
отпор, револт и активно учество против експлоатација и политичка апатија, се вели меѓу другото во соопштението.

На 4 јуни во КСП Јадро, програмата продолжува со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“, кој отвора простор за теоретска, поетска и политичка дискусија. На
симпозиумот ќе учествуваат автори, уметници и истражувачи од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија – Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК – кои ќе зборуваат за историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам. Симпозиумот, се посочува во соопштението, ги поврзува уметноста, поезијата, порнографијата и политиката, со цел да се артикулираат радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија. цр/нд

Фото: Плакат

Back to top button
Close