Отворање на QUEER програмата на ППЖ13 со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот”

Вечерва, 30 октомври, во КСП Центар Јадро како дел од есенското издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО #ППЖ13, се отвора со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот” на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија” од Србија кој е прв настан во рамки на фестивалската QUEER програма.

Изложбата го афирмира богатото наследство на Лезбејската недела — едно од најзначајните собири на лезбејки, бисексуални и квир жени на Балканот уште од средината на 1990-тите. Во време на политички турбуленции и општествена невидливост, овие собири создадоа простори на храброст, заедништво и отпор, а со текот на годините прераснаа во важна транснационална платформа за поврзување, активизам и културно творештво.

Преку архивски материјали, фотографија и документи, изложбата ѝ оддава почит на поколението што го отвори патот на лезбејскиот и квир активизам во регионот, истовремено рефлектирајќи за идните насоки на солидарност и феминистичко делување.

По отворањето, следи трансгенерациски разговор на тема „Мапирање на лезбејскиот* активизам, неговите почетоци и трансформации кај нас и во регионот”. Разговорот ќе го води Дони, а ќе учествуваат Ирена Цветковиќ, Јелена Васиљевиќ, Елена Петровска и Лаки. Темата ќе ги поврзе историските искуства, вклучително и делувањето на првата македонска лезбејско-феминистичка група „ЛезФем”, со современите потреби и практики во квир и трансфеминистичките движења.

Настанот започнува во 20:00 часот во КСП Центар Јадро. Влезот е слободен.

QUEER програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО продолжува на 1 ноември и завршува на 15 ноември со дополнителни настани.

Добредојдени сте да поделиме простор, да се поврземе и да замислиме нови хоризонти на феминистичка и квир солидарност.

Back to top button
Close