Отворање на Викендот на гордоста 2025 – ЈУГОКВИР Изложба за ПАНКОТ, СУПКУЛТУРАТА И СОЦИЈАЛИЗМОТ и симпозиум за КВИР КУЛТУРАТА, БАЛКАНОТ, ИСТОЧНА ЕВРОПА И ГЛОБАЛНИТЕ ТРАНС* ПОБУНИ
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025″ свечено ќе биде отворен на 3 јуни во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА” – голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години. Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.
Позиции во изложбата: Јанез Богатај, Јануш Чех, Божидар Доленц, Војко Флегар, Душан Герлица, Алдо Иванчиќ, ДК, Синиша Лопојда, Елена Печарич, Матија Празник, Бого Претнар, Бојан Радовиќ, Релации / 25 години Лезбејска група ШКУЦ-LL, Љубљана, Младен Ромих, Тоне Стојко, Тожибабе и Игор Видмар.
Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.
Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување. Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија.
Панкот во Словенија бил и форма на левичарски, просоцијалистички отпор – поврзан со работнички протести и ЛГБТ активизам. Панкот отсекогаш бил тесно поврзан со работничките протести, играјќи улога на културен сојузник во борбата за правда и општествени промени. Од Југославија до денес, панк-бендовите ги поддржувале протестите со музика и јасна политичка порака. И денес, панк-елементите се препознаваат во современите работнички побуни како симбол на отпор, револт и активно учество против експлоатација и политичка апатија.
Изложбата ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА. е поставена во соработка со Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите и со поддршка од Цанкарјев дом, Министерството за култура на РС, Националниот музеј за современа историја на Словенија, Модерна галерија, Луминус и А.К.Т; од Пфорцхајм. Во Скопје, изложбата ја организира Коалиција МАРГИНИ во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со МСУ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Дополнителна поддршка доаѓа од ИЦ при САНУ, Словенија, д-р Ото Лутар и уметничкиот директор Јануш Чех.
Д-р. Марина Гржиниќ, кураторка на изложбата, е главна научна соработничка во Институтот за философија ЗРЦ САЗУ и професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена.
На 4 јуни во КСП Јадро, со почеток во 19:00 часот, програмата продолжува со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни”, кој отвора простор за теоретска, поетска и политичка дискусија. На симпозиумот ќе учествуваат автори, уметници и истражувачи од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија – Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК – кои ќе зборуваат за историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам. Симпозиумот ги поврзува уметноста, поезијата, порнографијата и политиката, со цел да се артикулираат радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025″ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.
Погледнете ја целосната програма на нашиот настан ТУКА.
Постерот и зборникот на Викендот на гордоста – Скопје 2025 – ЈУГОКВИР се достапни ТУКА.