Отворање на Викендот на гордоста со изложба на познатиот полски уметник Карол Раѓишевски

Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се отвора на 1 јуни во 20:30 часот во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски. Фестивалот ќе трае од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“, а овогодишниот тематски фокус е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања.

Karol Radziszewski, Hiacynt, 2020
Karol Radziszewski, Hiacynt, 2020

Карол Раѓишевски (1980, Полска) работи со филм, фотографија, инсталација, сликање и создава интердисциплинарни проекти. Методологијата, заснована на архиви, испресечува многубројни културни, религиозни, општествени и родови референции. Од 2005 година е издавач и главен и одговорен уредник на фагазинот ДИК, а во 2015 година го основа и Институтот за квир-архиви. Користи уникатни алатки при уредувањето на материјалите, при што комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавања; нè насочува во поинаква насока за да прикаже алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните искуства туку и ги документира и историите на заедниците, при што не се ограничува единствено на Полска.

Karol Radziszewski, "AIDS" (Wallpaper), 2012
Karol Radziszewski, “AIDS” (Wallpaper), 2012

Неговите дела се поставувани во институции како што се Музејот на модерна уметност, Националната галерија за уметност Захета, Националната галерија за уметност, Центарот за современа уметност Замокот Ујаздовски, Варшава; Галеријата Вајтчепл, Лондон; Кунстхале Виена, Виена, Њу мјузиум, Њујорк; Видео Бразил, Сао Пауло; Музејот за фотографска уметност во Токио; Музејот за современа уметност Метелкова, Љубљана; Современиот музеј во Вроцлав и Музејот Штуки во Лоѓ. Учествувал во неколку меѓународни биеналиња, вклучително и ПЕРФОРМА 13, Њујорк; 7. Биенале во Гетеборг; 4. Биенале во Прага и 14. Балтичко триенале. Неговите филмови се прикажувани на Меѓународниот филмски фестивал Њу хорајзн на Т-мобиле, Вроцлав (2014, 2012); Филмскиот фестивал во Варшава (2022, 2019, 2013); ЛГБТИК+ филмскиот фестивал во Лондон БФИ Флер (2014) и Меѓународниот фестивал на кратки филмови Оберхаузен (2011); меѓу другите. Во 2021 година, „Стернберг прес“ ја издаде книгата „Моќта на тајните“ посветена на архивирањето на Раѓишевски.

Мултидисциплинарната и архивската практика на Раѓишевски во рамките на изложбата се презентира преку два долгорочни проекта. Првиот е фагазин ДИК, периодично списание, основано, издавано и уредувано од Раѓишевски од 2005 година, единственото списание за уметност фокусирано на машката хомосексуалност во централна и источна Европа (подоцна се проширува и на квир-определбата). Вториот е Институтот за квир-архиви, параинституција основана во 2015 година од страна на Раѓишевски. Институтот за квир-архиви (КАИ) е непрофитна организација раководена од уметници, посветена на истражување, колекционирање, дигитализација, презентација, изложување, анализа и уметничка интерпретација на квир-архивите, со посебен фокус на централна и источна Европа. Основан во ноември 2015 година од Карол Раѓишевски, КАИ е долгорочен проект отворен за транснационална соработка со уметници, активисти и академски истражувачи. Со цел да се соберат трагите од експлицитната или сугестивната квир-желба и дисидентството низ времето и просторот, двата проекта опфаќаат лични средби, пријателства и страст со уметници, критичари и активисти, повеќето од кои се вклучени во изложбата.

Изложбата исто така ќе ја претстави и неговата серија „Галерија на портрети“ (2020 – во тек). Серијата претставува продолжување на монументалното дело „Почет“ (2017), составено од дваесет и два портрета на потомци на нехетеронормативни ликови од Полска од минатиот милениум. Вклучени се лица од централна и источна Европа, кај кои повторно се истакнува настраноста во голема доза потисната или избришана од нивните биографии.

Специфичната стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики, тапети и други материјали употребувани од Раѓишевски, ќе биде презентирана со серијата „Сида“ (2012 – во тек), дел од проектот Кишеленд. Референцијата на „Ерата на сидата“ (1989-94) на „Општа идеја“ (General Idea – колектив создаден во 1969 година од страна на А. А. Бронсон, Феликс Парц и Хорхе Зонтал) претставува преттест за создавање на краток спој меѓу нивните субверзивни практики и проектот Кишеленд на Раѓишевски (2009 – во тек), заснован на Ришард Кишел, личноста зад првиот источноевропски гејзин „Фило“, повторно откриен од уметникот. Фотографиите од архивата на Кишел, неколку слајдови во боја со кои се документираат фотосесии организирани од Кишел и неговите пријатели во приватен стан, претставуваат ретко сведоштво на раните години од сидата.

„Зумбул“ (2019-2020), уште едно суштинско дело на Раѓишевски, е исто така дел од изложбата. Делото го насочува вниманието кон значајноста на „Операцијата Зумбул“, масовна полициска акција од 1985-87 година, насочена кон создавање датабаза од сите полски хомосексуалци. Сепак, покрај емиграцијата и тајноста, го овозможи и создавањето на контрадвижењето, вклучително и формирањето на Варшавското геј-движење (Warszawski Ruch Homoseksualny). „Зумбул“ на Раѓишевски е првата визуелна презентација на овој историски настан во полската иконографија. „При раскажувањето на приказната, уметникот повторно посегнува по експериментирање со традицијата на европското сликарство – овој пат референцирајќи на водечкиот претставник на неоекспресионизмот од осумдесеттите години на 20 век, А. Р. Пенк. Настранувајќи го стилот на неоекспресионизмот, Раѓишевски црпи од бруталната и исклучително силна експресија и го исполнува платното со цртежи од списанието „Фило“. Асоцијациите со пештерските слики ја насочуваат имагинацијата кон аматерските сексуални графити насликани во јавните тоалети. Под навидум промискуитетна и забава фасада, уметникот сокрива насилен политички мотив – дискриминација на сексуална основа.“ (Михал Гжегожек)

Ангажираноста на Раѓишевски со националните и државните историски наративи и архиви и нивното предизвикување во изложбата се поставува во дијалог со радикална квир-хронополитика, односно преработка, повторно замислување, вреднување и контекстуализација на спомените, искуствата, фантазиите и сликите од неговото квир-детство. Се работи за цртежи на ѕид, дел од „1989“ (2017 – во тек), за кој Раѓишевски ги префрла скиците на цртежи од детството од феминистички и феминизирани фигури и суштества, меѓу кои и религиозни цитати или цитати издадени од владата, направени за време на значајна политичка и општествена транзиција на серија слики и мурали.

Со оглед на широкиот обем на неговите уметнички практики, ќе бидат поставени и два филма на Раѓишевски. Првиот е „Кишеленд“ (Kiseiland, 2012), документарец на кој е прикажана средбата со Ришард Кишел, личноста зад првиот источноцентрален европски гејзин, „Фило“. Во заднината на филмот е скриената архива на Кишел, сочинета од дванаесетина слајдови во боја, фотосесии на Кишел и неговите пријатели во приватен стан. Вториот филм е „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021), филм направен од стотици фотографии во кои се раскажува приказната за последните советски војници кои ја напуштиле Полска во деведесеттите години на 20 век. Во фокусот на делото е фигурата на војникот – кој не се бори на воениот фронт, туку ја соблекува униформата пред камерата. Авторот на филмот ги надополнува фотографиите од минатото со современ филмски материјал во кој тој одигрува настани од минатото.

Овогодишниот фестивалски постер и календарот кој ја содржи деталната програма можете да ги погледнете на следниот линк. Каталогот претставува посебно издание што вклучува зборник од култни теориски текстови на темата КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ, од кој ќе има достапни физички примероци на денот на отворањето на Фестивалот.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.

 

Back to top button
Close