Отворен „Астерфест“, доделена наградата за животно дело на Желимир Жилник

Во Струмица синоќа беше отворено 17-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, кое се одржува под мотото „Светлините на астерот“. На лауреатот за животно дело од областа на филмската уметност, Желимир Жилник, легенда на југоисточноевропскиот филм, автор на низа култни филмови, меѓу кои и „Рани трудови“ за кој ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин, признанието му го врачи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој го прогласи и Фестивалот за отворен.

Заблагодарувајќи се за наградата, Жилник истакна дека филмската уметност и комплицирана и скапа и за големи филмови некои трошат по 4-5 години за да пронајдат големи буџети и откако ќе го направат филмот се случува да остане величествен и да остане, но понекогаш и го снемува.

-Кога работите ниско буџетни филмови вие имате поголема слобода побргу да ја завршите работата, да реагирате на некои работи кои се актуелни и да се свртите кон други. Јас успеав да направам еден опус од преку 60 филмови и сето тоа го видов во Германија, кога во седумдесетите години од минатиот век решив да заминам таму како и многу други за да преживеам. Таму наидов на една ситуација кога се раѓаше нивниот нов бран и ми рекоа дека Германците работат по пример на нашиот „црн бран“, според филмовите на Макавеев, Жика Павловиќ и други, рече Жилник.

Идејниот творец на Фестивалот, режисерот Горан Тренчовски, истакна дека е посебно возбуден кога гледа исполнето гледалиште.

-Вечерва означуваме уште еден почеток на „Астерфест“,седумнаесетти по ред. Да чествуваме во знакот на филмот, светлините кои пулсираат, да ги прикажеме овие прекрасни дваес етина филмски остварувања, да дознаеме за кризите, тримфите, подемите, падовите, за сето она што се нарекува живот или смрт, за сето она што се нарекува убавина или нешто што треба да се надмине како искушение, рече Тренчовски.

Синоќа, на отворањето, беше прикажан блок составен од 7 ексклузивни кратки играни филма: македонскиот „Северен пол“ на Марија Апчевска, црногорскиот „Божилак“ на Александар Вујовиќ, австралискиот „Аjкула“ на Наш Еџертон, данскиот „Во мојот ум“ на Мартин Стренџ-Хансен, американскиот „Писмарницата“ на Елвира Линд, иранскиот „Сведок“ на Али Азгари и белгиско-францускиот „Титан“ на Валери Карној.

Вечер ќе биде прикажан блокот со кратки документарни филмови: полскиот „Балконски концерт“ на Дијана и Кжиштоф Кадлубовски, шкотскиот „Поглед на заливот“ на Даниел Кук, косовскиот „Раселени“ на Самир Карахода, молдавскиот „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова, како и американскиот оскаровец „Кралицата на кошарката“ на Бен Праудфут.

Стручното фестивалско жири е составено од Мими Ѓоргоска-Илиевска, Владимир Перовиќ, Мимоза Рајл и Столе Ангелов.

Проекциите започнуваат од 20:30 часот, во летниот Амфитеатар во Градскиот парк, а придружните настани ќе бидат во „Европска куќа“ (Europe House) во Струмица.

Фестивалот „Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.

Back to top button
Close