Отворен Балкан: Македонски работници ќе земаат плата од српски и албански компании

Практично денови се во прашање до почетокот на слободниот пристап до заедничкиот пазар на трудот меѓу земјите од Отворен Балкан – Македонија, Србија и Албанија. Копчето за старт на мерката, како што вели за „Блумберг Адрија“ Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, ќе го притиснат лидерите на следниот самит, кој ќе се одржи на почетокот на летово. Тоа значи дека оттогаш почнува слободен пристап до пазарите на трудот во сите можни насоки меѓу трите држави и со тоа на природен економски начин ќе се пополнуваат недостатоците. Компании од Куманово и Скопје ќе мобилизираат работна сила од Врање и околината, а веројатно и оние од Струга ќе видат кадровски потенцијал во пограничниот регион во Албанија. И обратно.

„Македонски ИТ-експерти ќе можат да работат онлајн од нашата земја во Албанија и Србија, притоа да добиваат плата и придонеси од другите две земји, а примањата да ги реализираат во својата земја. Се разбира и обратно. Потенцијалите се огромни, голем е бројот на компании за кои оваа мерка ќе значи пополнување нови работни места, а за граѓаните и особено младите можност да заработат повеќе“, дообјаснува Забрчанец.

А што е бенефицијата? Досега, за да можат да работат во некоја од земјите на Отворен Балкан, граѓаните требаше да најдат работодавец, па да аплицираат и да чекаат одобрување на дозвола за престој врз основа на добиена работа. Тие процедури траеја и по повеќе месеци. Сега, откако ќе се либерализира пазарот, правото на пристап до пазарите на трудот во трите држави може да се стекне многу побрзо и поедноставно, со електронско издавање број за идентификација од Отворен Балкан и единствен матичен број за странец од Министерството за внатрешни работи, по извршени соодветни проверки.

 

Како ќе функционира?

Подготовките се во завршна фаза, а во моментов се вршат последните потребни технички проверки меѓу системите за е-услуги на трите држави.

Со почетокот на реализација на овие договори, на лицата што ќе добијат идентификациски број им се овозможува непречен престој од две години, во кои имаат право да најдат работа.

Забрчанец вели дека отстранувањето на работните дозволи ќе ни даде нова компетитивност како регион во привлекувањето странски инвестиции.

„Имено, ако до вчера извесна компанија не била во можност да донесе одлука за инвестиција во Македонија поради недостиг од кадар, од утре таа компанија ќе може да смета и на кадар од Албанија и Србија и со тоа полесно и побрзо да донесе одлука за инвестиција во Северна Македонија или, во обратен случај, во некоја од другите две држави од Отворен Балкан“, додава тој.

Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Србија, вели дека признавањето на социјалното, здравственото и пензиското осигурување меѓу трите земји останува нерегулирано. Помеѓу Србија и Северна Македонија постои договор за заемно признавање на социјалното осигурување, но таков договор не постои меѓу Северна Македонија и Албанија и Албанија и Србија.

„На овие договори се работи и по нивното постигнување, би можело да се зборува за создавање единствен пазар на трудот“, вели Ѓурѓевиќ.

 

 

Нема да има трошоци за работодавците

Небојша Атанацковиќ, почесен претседател на Синдикатот на работодавци на Србија, за „Блумберг Адрија“ вели дека во нашиот регион има недостиг од работна сила и дека државите мора да работат заедно за да се надмине овој проблем, што ќе биде и економски исплатливо. „Ако ова е тренд и ако мора да се увезува работна сила, подобро е да е од Балканот отколку од Азија или Африка. Дури и Албанците што не го знаат нашиот јазик полесно ќе се вклопат во нашата средина, бидејќи се од околината и ни се културно поблиски“, смета Атанацковиќ.

Според него, отворањето на единствениот пазар секако ќе им олесни на работодавците што бараат градежни работници, заварувачи, трговци, угостители, информатичари.

„Повеќето од нашите келнери заминуваат во текот на летната сезона на работа во Хрватска или Црна Гора, а нашите ресторани во туристичките центри остануваат без работници. Ова ќе биде начин да се пополнат тие позиции“.

Она што веќе е познато е дека работодавецот нема никаква администрација за овие работници од пазарите во Северна Македонија и Албанија, освен онаа што се подразбира при засновањето работен однос со државјанин на државата во која работи.

Вработувањето други странци е покомплицирано.

Работниците од Македонија ќе имаат 300 евра поголема плата во Србија

Неодамнешните измени на Законот за вработување странци донекаде го олеснија нивното вработување, во смисла на издавање единствена дозвола за престој и работа за период до три години, со можност за продолжување, наместо за една година. Според податоците на Националната служба за вработување на Србија, од почетокот на годинава на странци им се издадени 14.000 работни дозволи.

 

Драгољуб Рајиќ од Мрежата за поддршка на бизнисот вели дека увозот на работна сила од странство е многу комплициран за работодавците и дека отворањето на центарот на гравитација на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе го олесни вработувањето сезонски, угостителски и градежни работници, затоа што платите во Белград и Војводина се за 300-400 евра повисоки отколку во Северна Македонија.

 

 

Bloomberg Mercury

 

„Додека работодавците можеа да избираат, тие наоѓаа работници преку упатувања, особено ако зборуваме за индустрија што бара знаење и вештини, каде што не можеш да примиш секого. Најголем дефицит има на места каде што се потребни образование и софистицирано знаење. Еден вработен, наместо тоа, генерира меѓу половина милион и милион евра приход за таа компанија преку сработеното. Не можеме да очекуваме доаѓање на тој тип работна сила од Северна Македонија и Албанија, бидејќи тие се доста добро платени во своите земји. Можеби ќе има поединечни примери“, смета Рајиќ.

 

Иницијативата Отворен Балкан беше договорена од официјалните претставници на трите земји уште во 2019 година а со цел да им се овозможи на граѓаните од овој регион полесно да се интегрираат, патуваат и тргуваат, односно да се овозможи слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, по моделот на ЕУ.

 

Што постигнавме досега?

 

Институтот „Аналитика“ пред неколку дена ги претстави наодите од истражувањето за ефектите и задоволството на домашните компании од резултатите што ги дава иницијативата Отворен Балкан. Истражувањето е спроведено со 150 извозно ориентирани компании, од кои 100 од преработувачката индустрија и 50 што работат во делот на туризмот.

 

Околу 58 отсто од компаниите сметаат дека со иницијативата Отворен Балкан ќе дојде до подобрување на туризмот. Во однос на идните приоритети, мнозинство испитаници (82 отсто) како прв приоритет го издвоиле подобрувањето на туристичката инфраструктура.

 

Според анализата, за 88 отсто од анкетираните компании оваа иницијатива отвора нови можности за подобрување на работата, нови вработувања и остварување поголем раст на компанијата. Најголемиот дел компании (57 проценти) сметаат дека можностите за трговска размена во рамките на иницијативата Отворен Балкан се идентични или слични со оние на ЕУ. Во просек, повеќе од две третини од анкетираните компании се согласуваат дека Отворен Балкан ја подобрува конкурентноста на македонското земјоделско производство (70 отсто) и го подобрува пласманот на македонските производи (73 отсто).

Александра Томиќ/ Во пишувањето на текстот помогна Маријана Авакумовиќ

 

 

Back to top button
Close