Отворен Балкан пред отворени прашања

Дали „препораката“ на Лавров за Отворен Балкан може да му пресуди на сегашниот формат? На самитот во Охрид ќе присуствуваат уште двајца политичари, но во функција на набљудувачи.

 

Денеска и утре во Охрид македонскиот премиер Димитар Ковачевски, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ повторно ќе се се сретнат во рамките на иницијативата Отворен Балкан. Тројцата утре (8.06) ќе потпишат Договор за соработка во областа на заемно признавање дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции, но и меморандуми за разбирање и соработка на даночните управи, и во областа на културата и туризмот.

Ова друштво сега ќе биде проширено со присуство на уште двајца регионални политичари, но само во функција на набљудувачи: црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. Српскиот претседател не знае дали тоа е знак дека Отворен Балкан станал попривлечен, но за РТС изјави дека веќе е „сит од молење“.

„Абазовиќ и Тегелтија доаѓаат како набљудувачи. Доста ми е од молење. Србија, Македонија и Албанија се тука. Кој сака да се приклучи нека се приклучи, а кој не, не ми паѓа на ум да молам“, изјави Вучиќ.

Тој посочи дека во претходните месеци трговската размена со Албанија и Северна Македонија драстично се зголемила за 28%, односно 31%, што укажува дека земјите имаат придобивки од таа инцијатива. Вучиќ потeнцира дека за разлика од Европа, САД од почетокот ја поддржувале иницијативата „Отворен Балкан“.

Bosnien und Herzegowina Zoran Tegeltija in SarajewoПретседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, заедно со црногорскиот премиер Абазовиќ, ќе има функција на набљудувач

Косово не сака во Отворен Балкан

За денеска е предвидена работна вечера на премиерите, а за утре официјални обраќања на самитот, меѓу кои видеообраќања треба да имаат и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Но, столчињата на останатите земји од западнобалканската шесторка остануваат празни.

Косовскиот премиер Албин Курти пред неколку дена ја одбил поканата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски да присуствува и учествува во регионалната иницијатива, а, според косовските медиуми, во писмото што му го испратил на Ковачевски било посочено дека „Косово е посветено на Берлинскиот процес“. Во него било наведено дека Косово и Северна Македонија треба да соработуваат во делот како „да ја спречат Србија да промовира руски и кинески интереси во регионот, додека истовремено негира независност, суверенитет и територијален интегритет на Косово и блокира еднакви можности за граѓаните на Косово“.

Има ли ист вредносен систем?

Ако до вчера некои од земјите имаа сомнежи дали да ѝ се приклучат на инцијативата, се чини дека тие сомнежи сега дополнително ќе растат, откако шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, критикувајќи ја одлуката на неговиот авион да му се забрани прелет до Србија, изрази поддршка токму на Отворен Балкан.

„Бриселските газди не сакаа да ѝ дадат на Русија платформа во Белград за Москва да го изрази својот став за низа регионални прашања, за во главниот град на Србија да разговараме за состојбата на Косово и БиХ. Очигледно не сакале да му пружиме поддршка на Белград и неговата иницијатива за Отворен Балкан, која треба да ги подобри односите во регионот. Сега е јасно дека НАТО и Брисел го сакаат Балканот за себе, сакаат затворен Балкан“, изјави Лавров.

Russland I Sergej Lawrow Дали „препораката“ на Лавров за Отворен Балкан може да биде протолкувана како „руски потпис“ на иницијативата и да му пресуди на сегашниот формат, или земјите учеснички ќе направат јасна ограда меѓу регионални и туѓи интереси?

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, вчера оцени дека посетата на Лавров во Белград би била закана за одржување на Отворен Балкан во Охрид.

„Србија, се разбира, е независна држава која што сама одлучува за своите надворешнополитички приоритети, меѓутоа во рамки на некои регионални иницијативи во кои учествуваме, се разбира, важно ни е сите земји што соработуваме да сме на една линија на некои вредносни системи“, рече Османи.

– повеќе: Без гранични бариери – прв чекор на „Отворен Балкан“

Не е единствена инцијатива

Дали „препораката“ на Лавров за Отворен Балкан може да биде протолкувана како „руски потпис“ на иницијативата и да му пресуди на сегашниот формат, или земјите учеснички ќе направат јасна ограда меѓу регионални и туѓи интереси? Ова допрва ќе се анализира, но досега преовладуваше ставот дека нема штета од повеќе, туку од помалку соработка.

Два дена претходно, претседателот на Словенија, Борут Пахор, изјави дека ги поддржува сите иницијативи кои придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот.

„’Отворен Балкан’ има потенцијал да ја подигне економската соработка на сосема ново ниво, каде што сите би имале корист и да ѝ помогне на секоја земја подобро да се подготви индивидуално за Европската унија. Сепак, сакам да бидам многу јасен во врска со тоа: иницијативата ‘Отворен Балкан’ не е алтернатива за членството во Европската унија“, изјави Пахор.

Тој потенцира дека ги поддржува и Берлинскиот процес, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Регионалниот совет за соработка (РСС), но дека „ниту една регионална соработка не е алтернатива за членството во ЕУ“.

Slowenien Wahl | Borut Pahor, WahlsiegerПахор: Ниту една регионална соработка не е алтернатива за членството во ЕУ

Ризично признавање на дипломи

Токму заради поинтензивно посветување на членството во ЕУ, во Црна Гора се поделени ставовите околу учеството во Отворен Балкан. Гордана Ѓуровиќ, професорка на Економскиот факултет и поранешна црногорска министерка за евроинтеграции, изјави дека и без Отворен Балкан постојат доволно иницијативи за севкупна регионална соработка.

„ЦЕФТА е инклузивен процес, Берлинскиот процес е инклузивен и Акциониот план за заеднички регионален пазар е инклузивен. Ја имаме ЕУ, ја имаме европската финансиска поддршка, и иако има проблем, тој треба да се решава во тој формат. Никој не може да ме убеди дека кога го имаме сето тоа, таму некој Отворен Балкан или Балкан без државни граници одеднаш ќе го реши сето тоа, само затоа што се нарекува поинаку и што се таму некои три држави“, изјави Ѓуровиќ.

Таа има резерви и околу заедничкото признавање на дипломите.

„Црна Гора не може да се согласи сите дипломи во регионот да бидат признаени преку Отворен Балкан. Одеднаш би имале една хиперпродукција од многу проблематични приватни факултети. Секако дека тоа мора да биде под контрола. Инаку, има голем прилив на дипломи од регионот кои се на граница да бидат признаени како еднакви нивоа на образование. Но, многу ризично е ако сега дозволиме тоа да биде линеарно признато“, вели таа.

Според неа, Црна Гора треба да се посвети на интеграцијата во ЕУ, бидејќи најмногу би изгубила од учество во Отворен Балкан и би се оддалечила од преговорите со Унијата.

извор: ДВ

Back to top button
Close