Отворен Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

– Со свечено отворање што се одржа на Споменикот на слободата, синоќа во Кочани почна 58. Драмски аматерски фестивал.

Во поздравното обраќање до публиката, а во присуство на министерката за култура, Ирена Стефоска, актерот Благој Веселинов – селектор на овогодишниот ДАФ, го истакна значењето на драмскиот аматеризам и влогот на Кочани во културниот растеж на македонската театарска сцена.

– Кочани по 45. пат е домаќин на Драмскиот аматерски фестивал, што годинава како никогаш досега е поддржан од Општината. На локации на отворено, во специфични услови на пандемија, во пет дена и без натпреварувачки карактер, публиката ќе може да види скратена, но интересна програма. Наша цел е Фестивалот да продолжи да живее и да остане културен белег на овој град, истакна Веселинов.

Овогодишното фестивалско издание на театарскиот аматеризам го отвори градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој изрази благодарност за упорноста и истрајноста на ракводството на ДАФ да ја продолжи визијата на културните работници што почнала во 1977 година.

-Ние, како раководство на Локалната самоуправа, ќе настојуваме да изнајдеме формат со кој ќе го осигуриме функционирањето на ДАФ и за следните пет децении. Но, поддршката од државниот буџет ќе му даде додадена вредност на Фестивалот и ќе го издигне на потребниот културен пиедестал. Само заедничката грижа за ДАФ од централно и локално ниво, вклученоста на професионални, стручни, чесни и одговорни лица – квалитети кои ги поседува сегашното раководство на ДАФ, ќе овозможи негов раст, подем, стабилна егзистенција и одржливост, истакна Илијев.

Фестивалот почна со претставата „На отворено“ во изведба на актерите од Театар Комедија од Скопје, а во режија на Андреј Цветановски.

Репертоарот на ДАФ годинава вклучува десет настани, од кои пет се театарски претстави, еден видеотеатар, а другите се придружни, поетски содржини кои ќе се одржат во Паркот на Револуцијата, Фоајето, западната и северната страна на Центарот за култура „Бели мугри“.

Back to top button
Close