Отворен уписниот рок за бруцоши на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид

Од денеска заклучно со вторник трае првиот уписен рок на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид за бруцошите во новата академска 2020/2021 година.

Според објавениот конкурс на високообразовната установа има место за 324 нови студенти, од кои 76 за насоката туризам, по 56 за насоките осигурување и царина и шпедиција, 48 за менаџмент во услужен сектор (профили: финансиски, промотивен, логистички менаџмент и менаџмент во култура), 24 за гастрономија и 32 за хотелско – ресторански менаџмент.

Активни се и студиските програми на англиски јазик на насоките туризам и царина и шпедиција, а ќе може да се запишат по 16 студенти.

Како редовни, во државна квота со партиципација од 200 евра ќе можат да се запишат 160 бруцоши, сто редовни студенти со кофинансирање од 400 евра, како и 64 вонредни студенти со партиципација од 400 евра.

Прелиминарната ранг-листа на примени кандидати во првиот уписен рок ќе биде објавена на 7-ми септември.

Вториот и третиот уписен рок на Факултетот за туризам и угостителство ќе се спроведат на 14 и 15, односно 24 септември.

Back to top button
Close