Отворена изложбата „Монодрамите и дуо драмите на МНТ“

– Во фоајето на Македонскиот народен театар (МНТ) отворена е изложбата „Монодрамите и дуо драмите на МНТ“, во која се претставени дваесетина монодрами и дуо драми од репертоарот на театарот, почнувајќи од 1974 и „Дневникот на лудиот“ со Владимир Светиев па сѐ до последните „Последната лента на Крап“ на Ѓорѓи Јолевски и „Само глас“ со Звездана Ангеловска и Никола Ристановски.
Низ фотографиите, костимите и плакатите во „Монодрамите и дуо драмите на МНТ“ забележливи се два аспекти.
Од една страна, како што велат од МНТ, тоа се монодрамите каде е видлива посветеноста на актерот кој кога е сам на сцената се развива, менува, остварува и/или зацврстува, и од друга страна, тоа се дуо драмите каде е видлива комуникацијата и врската која ја создаваат двајца актери кои на сцената зависат еден од друг и атмосферата кога при интерпретацијата на ликовите се надополнуваат еден со друг.
-Изложбата го прикажува актерот кој е сам на сцената или со уште еден актер , борбите кои ги водат сами со себе или со другиот, како и впечатокот кој го оставаат кај гледачот. Тоа е секоја емоција, мимика, гестикулација и движење, посочуваат од Македонскиот народен театар.
Од МНТ појаснуваат дека присуството и силата на актерот, сите негови умеења и вештини, посветеност и сигурност се неизоставен дел и носечки елемент на она што ја прави монодрамата и/или дуо драмата.
Изложбата ќе биде прикажана и на страната на МНТ, како и на фејсбук страната на театарот.

Back to top button
Close