Отворена изложбата педесет години творештво на ликовниот уметник Мице Јанкуловски

Во галеријата на „Завод и Музеј Струмица“ синоќа беше отворена самостојна изложба од делата на ликовниот уметник Мице Jанкуловски по повод 50 години од творештвото, а беше промовирана и публикацијата „Мицко Мице Јанкуловски-сликарство“.

Изложбата ја отбори градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој истакна дека Мице Јанкуловски е уметник со специфична појава, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати.

-Неговата уметност зрачи со хармонија, убавина, мир и сочувство. Таа е резултат на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележително воздржани, далечни и тивки, делата носат длабок филозофски подтекст, праќајќи ги визуелните пораки кон вечноста.Слободата, виртуозноста, како и целосното спојување на идејата, концептот, и резултатот, обично ги карактеризираат сликите на Јанкуловски. Тој е уметник кој ја вреднува со исклучително значење естетиката на визуелната перфекција на делото. Со доследна продукција и постојано потврдување на неговата уметничка појава, тој го потврдува своето место во светот на современата уметност, рече Јаневски.

Изложбата во Струмица ја уреди Корнелија Куновска, а досега Јанкуловски има повеќе од 50 самостојни изложби во Македонија и странство и забележани претставувања на значајни уметнички манифестации ширум светот, каде е добитник на многу награди.

Мице Јанкуловски е активен член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Здружението на карикатуристите на Македонија, како и негов актуелен претседател, на Федерацијата на карикатуристите (ФЕКО), како и на Светската асоцијација на визуелните уметности (САВУ), а исто така е основач на ОСТЕН Биеналето на цртеж и на ОСТЕН Музејот на цртеж во Скопје

Back to top button
Close