Отворена изложбата „Што би се случило ако? Изборот да се изгради алтернативна иднина“

Во Музејот на град Скопје вечерва беше отворена изложбата „Што би се случило ако? Изборот да се изгради алтернативна иднина““, во рамки на проектот CreArt. Network of Cities for Artistic Creation, поддржан од „Креативна Европа“.

На изложбата  се претставени дела на 15 интернационални уметници, селектирани на отворен конкурс од кураторот Пјетро дела Џустина и неговиот асистент Лука Џенати.

Во обраќање, Џустина истакна дека изложбата била замислена пред пандемијата на коронавирусот, што ја отежнала целокупната реализација, но и во такви тешки пандемски услови проектот е успешно завршен благодарение на луѓето кои учествувале во креирање на изложбата, но и самите уметници. Станува збор за мултидисциплинарен проект, појасни, што вклучува поголем број техники.

– Градот Скопје е составен дел од овој меѓународен проект, CreArt мрежата на градови за уметничко творештво, што во изминативе четири години ги искористивме сите одговорни потреби што ги спроведуваат европските градови и ги донесовме во Скопје, рече на отворањето на изложбата градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Проектот CreArt e мрежа на европски градови што обединува 12 такви градови и ги вклучуваат сите јавни и приватни културни институции. Изложбата веќе беше претставена во Авеиро, Португалија и Џенова, Италија, што се исто така дел од мрежата. Во Скопје изложбата останува отворена до 3 август 2021 година.

Back to top button
Close