Отворена Лабораторијата за кризен менаџмент во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Отворена е Лабораторијата за кризен менаџмент во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, дел од проектот НИКС на Воената академија и Центарот за управување со кризи во соработка со НАТО – Програмата наука за мир и безбедност, чија цел е дигитализација на системот за управување со кризи и брза размена на податоци и информации за одредена кризна состојба.

На отворањето се обрати в.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кој рече дека една од најсовремените мерки што се развиваат во полето на кризниот менаџмент во земјава е имплементацијата и примената на веб-базираната комуникациска платформа „Следна генерација на Систем за командување и управување со инцидетни“ (Next-Generation Incident Command System – NICS).

– NICS платформата служи за просторно прикажување на податоци со цел справување со настаните и појавите во реално време, притоа овозможувајќи брза и ефикасна комуникација и координација помеѓу субјектите на Ситемот за управување со кризи при донесувањето на одлуките за ефикасно справување, а истовремено целосно и вистинито информирање на медиумите и граѓаните во насока на подигање на свесноста и разбирањето на ризиците, појасни Ангелов.

Целосната имплементација на NICS, како што соопшти, ќе се реализира до крајот на 2021 година, со што, како што посочи, државата ќе има на располагање функционален дигитален систем за управување со кризи од најнова генерација.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека овој софтвер им дава дополнителна поддршка на сите инситуции кои се обврзани да соработуваат и им дава шанса да бидат побрзи и поефикасни и во коронакризата и во сите други природни непогоди.

– Со овој НИКС систем кој е резултат на нашето учеството во програмата на НАТО „Наука за мир“ и напорите на воената академија , на ЦУК и на Линколн лабараторијата мислам дека се покажува дека вложуваме во напредни технологии кои ќе бидат основа на нашето функционирање, рече Шекеринска.

НАТО членството и настаните поврзани со коронакризата, истакна, ни покажаа дека Алијансата навистина верува во сојузништво и дека принципот сите за еден – еден за сите, не е само збор, туку е акција.

-Досега се потрпевме на поддршката која доаѓа од НАТО и од земјите членки, и на овој начин покажуваме дека НАТО е инвестиција и во домашната наука бидејќи освен продуктите и освен софтверот кој беше добиен од страна на Линколн лабораторијата, резултатот е и на наши македонски научници кои продолжуваат да работат на ваквиот напреден начин на работа, посочи Шекеринска.

Додаде дека сите институции ќе треба да се навикнат да го научат системот и оти тоа нема да биде лесно. Информира дека 1100 вработени од различни институции се веќе обучени. Но, сега, додава, треба институциите практично да го користат, да го полнат и да видат дека навистина иако ќе го промени начинот на нивната работа дека се исплати таа промена да ја направиме.

– Паралелно со воведувањето на НИКС работиме, особено ЦУК, на воведување на единствениот број 112 – тоа е број што ќе се повикува во случај на кризи, било да се работи за пожар, за прва помош или полиција, каде во моментов имаме три, четири различни броеви кои ги бараме.

Целта, како што додаде, е овој систем да се централизира, да има еден оперативен центар, на едно место да се прибираат сите информации и сите институции да ги поседуваат сите информации.

– Воопшто нема да биде лесно и ќе треба да ги убедиме и луѓето кои работат во институциите дека промената е за добро на сите. Ќе треба многу напор малку и притисок да се навикнат на новото, промените не се секогаш лесни, но се неопходни, заклучи Шекеринска.

Back to top button
Close