Отворена првата просторија за сослушување на деца – жртви и сведоци на трговија со луѓе во рамки на Јавното обвинителство
Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) денес беше отворена првата специјализирана просторија за сослушување на деца жртви и сведоци на трговија со луѓе. Проектот е реализиран со поддршка на регионалниот проект EU4FAST – „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, а ко-финансиран од Германија, Италија и Холандија.
Просторијата е прва од ваков вид во рамките на јавното обвинителство во државава, прилагодена според највисоките европски и меѓународни стандарди чија цел е создавање безбедна и поддржувачка средина за жртвите на трговија со луѓе, особено децата.
„Оваа донација за нас не е само материјална поддршка, туку признание дека сме на добар пат и се залагаме за вистинските вредности – особено кога се во прашање децата и ранливите категории,“ изјави Основниот јавен обвинител Ислам Абази во своето поздравно обраќање, додавајќи: „Просторијата не е само функционален простор, туку алатка од суштинско значење. Таа е одраз на нашата заложба како институција да бидеме на страната на граѓаните – особено на оние на кои најмногу им е потребна заштита и разбирање.“ Во духот на воспоставување на нови стандарди, јавниот обвинител Абази го заврши своето обраќање со инспиративна порака: „Нека оваа просторија биде почеток на нови стандарди – стандарди кои ќе го почитуваат човекот, ќе го штитат детето и ќе ѝ дадат лице на правдата која зрачи со доверба.“
Еден од главните подржувачи на оваа иницијатива е Сојузна Република Германија во чие име на присутните им се обрати амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија Нејзина Екселенција Петра Дрекслер која истакна:
„Денеска отвораме ново поглавје и чест ми е да бидам дел од тоа. Борбата против трговијата со луѓе е заедничка цел во нашата соработка меѓу ЕУ земјите и земјите на Западен Балкан. Еден од клучните аспекти е да се идентификуваат жртвите и да им се пружи соодветна заштита. Особено е важна заштитата на најранливите – децата жртви во текот на целиот кривичен процес, а тоа вклучува и креирање безбедна средина во која ќе можат да го дадат својот исказ. Сакаме оваа иницијатива да биде одржлива и ефективна и ќе продолжиме да ја поддржуваме“.
Освен Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, овој простор ќе го користат и другите обвинителства со проширена надлежност што имаат потреба од ваков простор. Во таа насока Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, заблагодарувајќи се за донацијата од името на Јавното обвинителство изјави:
„Оваа просторија е одраз на нашите заложби да го трансформираме обвинителството од студена институција во модерна европска организација, која ги става правата на најранливите во фокусот на своето работење.“ Тој го посочи и недостатокот на буџетската поддршка за вакви иницијативи, при што посебно ја нагласи улогата на донаторите: „Со оваа иницијатива, едно студено катче стана простор кој зрачи со топлина и доверба. Тоа е нашата визија за обвинителството – институција со лице, со емпатија и со човечност.“
Проектот „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“ започна со цел да ги зајакне капацитетите на институциите за идентификување и заштита на жртвите, со посебен акцент на децата и другите ранливи категории. Како дел од овие активности, во тесна соработка со ОЈОГОКК, се воспостави специјализираната просторија, како симбол на нов пристап – заснован на човековите права, емпатија и професионализам. Во наредниот период со поддршка на проектот ќе се развиваат стандардни оперативни процедури и ќе се спроведе симулациска вежба, со цел оваа иницијатива да биде вистински функционална, етички исправна и во целосна служба на жртвите и правдата, како и воспоставување на добри практики што ќе останат трајна вредност за системот.