ОТВОРЕНИ ГРАНИЦИ

Балкански Шенген за балканската елита.

Премиерот Христијан Мицкоски пак се врати супер задоволен од Брисел. Во интервју за националниот сервис МТВ што го даде во Брисел, раскажуваше што му кажал „еден премиер“ и што му кажал „еден друг премиер“ и по стоти пат повтори дека „во ЕУ почнува да се слуша поинакво мислење од она понизно и вовлекувачко на владите во изминативе 7 години“.

Која е идејата да одиш како премиер во Брисел на состанок со ЕУ и од таму да дадеш интервју за јавниот сервис МРТВ чија екипа ја носиш од Скопје со себе? За на домашната јавност да ѝ раскажеш што си им кажал во Брисел. И да не чуеме ништо за тоа што Брисел ти кажал тебе како премиер на земја која има спор со друга земја на ЕУ за кој бараш решение.

Па, ако премиерот толку има нешто да изјави,  што не среди да даде интервју на белгиска, француска, германска, холандска, италијанска, па дури и бугарска телевизија, па тамошната јавност да го чуе ставот на македонската власт и колку сме трпеле неправди на патот кон ЕУ. А не нам да ни го повторува тоа по стоти пат, како да не знаеме, и како да е пред избори. Ние го знаеме ставот на Владата. А го знаеме и ставот на ЕУ. Ставен во преговарачката рамка според која, за да почнат преговорите со ЕУ тука треба да се стават Бугарите во Устав.  Ново нешто не чувме.

„Имаше многу убави работи кажани, директно, отворено се зборуваше и она што го носам како емоција, како чувство е дека навистина и самите земји-членки се уморни да се објаснуваат зошто не треба да биде билатеризиран овој процес, туку треба да биде европеизиран“, рече Мицкоски.

Македонската јавност не дозна кои се тие „многу убави работи кажани“. А и не сум баш сигурен дека со емоции и чувства може да се смени преговарачката рамка. А и тоа што Мицкоски вели дека процесот не треба да биде билатерализиран, туку европеизиран, е суштината на проблемот. Затоа што, во моментот кога се усвои преговарачката рамка процесот веќе не е билатерилизиран. Туку – европеизиран.

Тоа ич не ми се допаѓа, ама, за жал, така е. Така што, сѐ помалку го делам оптимизмот што го шири премиерот Мицкоски во врска со ЕУ. Двете најважни држави, моторите што ја придвижуваат Унијата, Франција и Германија, се зафатени самите со себе. Макрон одвај ја одржува Владата, а на Шолц му беше изгласана недоверба и Германија оди на вонредни избори.

Баш си мислам дека и двајцата интензивно размислуваат како да најдат креативно решение за нас. Кога веќе не можат да најдат за нив.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Back to top button
Close