Отворени за посетители Народниот музеј, спомен-куќите и Спомен-костурницата од НОВ во Велес 

– По пауза од речиси четири месеци, во Велес денеска за посетителите повторно се отворени вратите на Народниот музеј, спомен-куќите на Коста Солев Рацин, Васил Главинов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Куќата на Касапови – попозната како Куќата што лебди, изградена на карпа.

Сите се наоѓаат во стариот  дел на Велес под соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ и се многу интересни и привлечни за домашните и за странските туристи. Од денеска повторно се отворени и вратите на Спомен-костурницата од НОВ, интересна по мозаикот на Петар Мазев, каде што се погребани останките на борците од Велес и Велешко од Народноослободителната војна. Отворени се и вратите на историските спомен-куќи во Горно Врановци од НОВ. Со сите овие културни објекти раководи ЛУ Народен музеј.

В.д директорот на оваа установа, Марин Клифов, за МИА изјави дека  веќе  ги  спровеле сите препораки на Владата за работа во овие услови на пандемија. Објектите се дезинфицирани, има поставено дезинфекциски средства за миење на рацете на посетителите и за сите е задолжително носење заштитна маска.

Во градот повторно е отворен и Ликовниот салон каде сите љубители на ликовната уметност во текот на јули ќе можат да ја видат изложбата на Дарко Николовски, насловена „Она што го гледам за последен пат“ .

Изложбата беше отворена на крајот на февруари,  непосредно пред да избие епидемијата, и затоа велешани не можеа да ја проследат. – Сега е убава можност тоа да го направат,  повика Клифов.

На изложбата се поставени 40-ина паноа со фотографии од сакрални објекти  и рурална архитектура  од поствизантискиот период во Скопско.

Back to top button
Close