Отворено кино во Кисела Вода

Со бројни гости, во свечена атмосфера, синоќа беше отворено киното во Кисела Вода. После 35 години, на истата локација, врз темелите на старото кино, во комплетно реновираниот Дом на култура „Билјана Беличанец” започна да функционира “Киноверзум”.

Настанот го отвори актерот Рубенс Муратовски кој, евоцирајќи спомени од минатото ја назначи важноста на овој проект за културниот живот во општината и му се заблагодари на градоначалникот за целокупниот ангажман во оваа сфера.

Градоначалникот Ѓорѓиевски во своетоизлагање го истакна сентименталното значење на старото кино за повозрасните жители на Кисела Вода и потенцираше дека отворањето на новиот објект е историски миг за сите кои ја сакаат оваа општина. Повика на аплауз за прерано починатата градоначалничка Билјана Беличанец, која го отпочна проектот и чиј сон, како што истакна, од денес започна да живее. Говореше за сите содржини кои обновениот дом на култура ќе ги нуди, како концерти, изложби, театарски претстави, литературни читања и библиотека, а најмногу се задржа на киното, кое со атрактивниот репертоар веќе предизвика внимание кај граѓаните. Изрази надеж дека наскоро во перцепцијата на граѓаните “одиме на кино” ќе значи одиме во киното во Кисела Вода.

-За мене, а верувам и за сите вас тука присутни, ова е историски момент. После 35 години, Кисела Вода повторно добива кино врз темелите на старото кино, култно место од кое секој носи спомени и кое секогаш се појавува во приказните за нечија младост. Денес, заеднички со вас, го започнуваме новото поглавје на овој културен дом. Со нов дух и нова енергија, ги отвораме вратите на она што започна како визија на поранешната, сега за жал покојна градоначалничка Билјана Беличанец. Ова беше нејзиниот сон кој успеавме да го оствариме -истакна градоначалникот Ѓорѓиевски и посебно им се заблагодари на соработката на “Киноверзум”, кои како што истакна, во изминатиот период се етаблираа како силен столб помеѓу македонската културна сцена и светската филмска индустрија

Back to top button
Close