Отворено писмо од професорите по филозофија, логика и етика: Ја отфрламе понудената Концепција за гимназиско образование
Откако Бирото за развој на образованието ја објави Концепцијата за гимназиско образование, 31 гимназиски професор по филозофија, логика и етика упатија отворено писмо во кое ја отфрлаат понудената Концепција, бидејќи според нив со отстранување на овие предмети се нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење.
-Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми – неконзистентност, неаргументираност, противречност. Во логиката, овие грешки претставуваат карактеристики на нелогичното мислење, со самото тоа, на бесмисленото мислење. Ниту една од целите на Концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети кои како задолжителни ги нуди концепцијата, бидејќи тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција. Единствената која е повикана да ги оствари поставените образовни цели, е токму филозофијата преку корпусот филозофски предмети – филозофија, логика и етика. Највисокиот облик на мислењето е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на филозофијата. Само во филозофијата се трага по тоталитетот на вистината, се остварува разговорот на душата самата со себе и се облагородува истата за дијалог и средба со другиот. Критичкото мислење почива на логички основи. Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката. Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката. Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста. Ниту математиката и природните науки, ниту општествено – хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа. А, дали можеме да бидеме среќни, ако не знаеме што е среќата? Етиката го истражува односот кон себе самиот, кон другиот, кон заедницата на која припаѓаме, кон сопствениот народ и целото човештво. Биоетиката и еколошката етика се етички дисциплини. Историјата ги учи учениците што се случувало во минатото на нивниот народ, но етиката прави да го возљубат својот народ, а преку него и целото човештво. Градењето на национален, етнички и културен идентитет, како и почитувањето на историјата и културното наследство се остварува единствено преку филозофијата. Историјата ги учи учениците какви уредувања постоеле низ историјата, ама филозофијата ги учи какви треба да бидат уредувањата. Но, креаторите на Концепцијата очигледно ништо од ова не сфаќаат – се наведува во писмото.
Професорите велат дека според анализите, во европските земји се инсистира на филозовско образование, додека, во Македонија се отстранува и со тоа, како што велат „се отсекуваме од основите на Европската цивилизација“.
-Да не дозволиме да создадеме генерации кои, Хераклитовски, иако присутни во светов, ќе изгледаат како да се отсутни, кои иако будни ќе изгледа како да спијат – се додава во писмото.
Писмото е потпишано од:
Бранка Љубиноска СОУ „28 -ми Ноември“
Валентина Богоевска „Никола Карев“
Весна М.Трајковска СОУ „Таки Даскало“
Виолета Серафимовска „Никола Карев“
Владимир Ѓуровиќ СУГС „Орце Николов“
Даница Палазова СОУ „Јане Сандански”
Данка Јовева СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип
Драгица Солунчева, „СУГС Раде Јовчевски Корчагин“
Дунавка Костадинова СОУ „Ванчо Прќе”
Евгенија Маневска СОУ „Таки Даскало“
Елвира Мустафа СУГС „Никола Карев“
Емилија Ежовска
Емилија Ежовска СУГС „Панче Арсовски“
Жаклина Реџовска ОСУ „Ацо Русковски“
Јане Ѓорески СОУ „Мирче Ацев“
Јовица Илиќ СОУ „Коста Сусинов“
Јосиф Печков СОУ „Јане Сандански“
Јулијана Јолевска СУГС „Гимназија Орце Николов“ – Скопје
Кристина Трајанова СОУ „Коста Сусинов
Кристина Трајанова СОУ „Коста Сусинов“
Лепа Василевска СОУГ „Кирил Пејчиновиќ“ Тетово
Љупчо Стевановски ,,Раде Јовчевски Корчагин
Никица Величковски СОУ „Гоце Делчев“
Павлина Филипова СОУ „Коста Сусинов“
Ријадин Беџети СОУ „Неготино”
Сања Трајковска СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово
Светлана Поп Дучева
Снежана Арџанлиева Танева СОУ „Јосиф Јосифовски“
Снежана Соколова СОУ „Ванчо Прќе“ – Виница
Сунчица Здравкова СОУ „Кочо Рацин“
Трајче Серафимовски, СУГС „Георги Димитров“ -Скопје