„Ова навреда за Евреите и закана за човековите слободи и права“ – Еврејската зедница згрозена од отворањето на центар со името на „Ванчо Михајлов“

Реакција нa Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по повод отворањето на бугарскиот културен центар “Ванчо Михајлов“ во Битола:

Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и
навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист
и близок соработник со нацистите.
На 16.04.2022 година, Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават
празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на
власта – премиерот Кирил Петков, потпретседателот на државата Илијана Јотова,
министерот за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешниот министер за
надворешни работи Захариева, и други, официјално го отворија бугарскиот културен
центар “Ванчо Михајлов“ по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ,
Мусолини и Адолф Хитлер.

Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права,
кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа. Чин со којшто се
загрозува мултикултурализмот. Класичен пример за непочитување и искривување на
историјата. Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира
Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во
центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од
еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во
холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и
светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските
односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Ние, наследниците на преживеаните од холокаустот нема да ги премолчуваме ваквите
појави и бараме итно и неодложно:
– Во Собранието да се донесат измените на кривичниот закон, иницирани од Еврејската
заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и
искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба
на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон;
– Да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански
здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на
нацистите;
– Владата на Р. Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од
нивните претходници за време на Втората светска војна;
– Европската Унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Р.
Бугарија.
Ние, Евреите од Република Северна Македонија, како и бројни македонски граѓани ,
имаме многу пријатели од Р. Бугарија, со којашто сакаме како соседи да живееме во мир
и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис III и
останатите докажани нацисти од врвот на власта на Царска Бугарија во Втората светска
војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени
на взаемна почит, пријателство и доверба.
Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде
жртва на вистината

Back to top button
Close