Ова не е прва еколошка катастрофа на Тораница, и од оваа и од минатите нема поука

Извештајот од испитаните примероци на водата во Крива Река земени еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажаа дека концентрацијата на олово е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот, информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски. Тој најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт.

Во меѓувреме, по и извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија.

Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.

Но, ова не е прва еколошка катастрофа, а потсетувањето на претходните, само потврдува дека овој рудник е постојана еколошка закана.

На 12 ноември во 2011 година имало идентична еколошк катастрофа како и оваа годинава.

Јаловина со отровни материи од рудникот се излеале од рудникот „Тораница“. Отровни материи како арсен, олово, цинк кадмиум и нус-продукти од процесот на експлоатација на рудата директно се излеале во Крива Река и предизвикала еколошка катастрофа, чии последици ќе се чувствуваат следните неколку децнии, пишуваа тогаш медиумите

И тогаш жителите на Крива Паланка нагласија дека истурање на отровни материи од рудникот имало и порано

Една година подоцна, во мај 2012, јаловишна маса истекла на површина од 200-300 метри на асфалтниот пат на 2 км од рудникот. Вработените навреме реагирале и спречиле јаловината да заврши во Тораничка и Крива река.

За еколошкиот инцидент биле известени надлежните инспекциски органи од државата и општината, кои извршиле увид.

Подоцнежните испитувања покажаа зголемена концентрација на тешки метали во земјата и реките во околина на рудникот.

Во 2019 година во рудникот Тораница, при поставување експлозивни средства за минирање во јама се случи несреќа во која беа повредени тројца рудари од овој рудник, а еден рудар почина.

И тогаш јавноста и стручните луѓе предупредија на слабостите на безбедносните протоколи во работата на рудникот.(racin.mk)

Back to top button
Close