„Ова не е самоубиство, ова е уште еден системски пораз“ – силни реакции на социјалните мрежи по трагедијата во Тафталиџе
Трагедијата во Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината ќерка, предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Граѓани, соседи и јавни личности повикуваат случајот да не се сведува на формулацијата „самоубиство“, туку да се отвори поширока дебата за институционалната одговорност и третманот на семејното насилство, пренесе Скопјеинфо.

Во една од најсподелуваните објави се наведува: „Не ја нарекувајте оваа трагедија самоубиство. Кога жена – жртва на семејно насилство – е доведена до точка да си го одземе својот живот и животот на своето дете, тоа не е изолиран психолошки чин. Тоа е директна последица на континуирано насилство кое не било запрено.“
Авторот на објавата нагласува дека семејното насилство „не убива само со раце и оружје, туку и со игнорирање, минимизирање и институционална неактивност“, додавајќи дека општеството станува „тивок соучесник“ кога ги игнорира пријавите и ги третира како формалност. Од перспектива на психотерапија информирана од траума, во објавата се објаснува дека очајот не е карактерна слабост, туку последица на хронична небезбедност и долготраен страв.
Силна реакција дојде и од соседка на семејството, која во јавна објава напиша: „150 стана не успеавме да те сочуваме од монструмот кој секојдневно те малтретираше и тепаше. Сите сме виновни во оваа приказна – и ние и институциите.“ Таа повика да не се обвинува мајката, оценувајќи дека трагедијата има конкретна причина и одговорност.
…






