Ова веќе нема да го толерираме: Протести против сексуалното вознемирување и напади во училиштата во Косово

Протестите беа придружени со акции на социјалните мрежи каде жени и девојки, главно анонимно, споделуваат лични сведоштва на сексуално вознемирување и напади во училишта, на работа и на улица.

Во Албанија и Косово се случуваат низа реакции на социјалните мрежи како и протести против сексуално вознемирување, напади и злоупотреба, по неодамнешните објави во медиумите за сексуални напади и злоставување на млади жени и девојчиња.

Во Приштина се одржаа два јавни протести на кои се бараше, меѓу другото, часови за сексуално образование во училиштата. Два дена откако активисти за човекови права организираа протест во градот, средношколци одржаа нов протест во средата.

Протестите беа придружени со акции на социјалните мрежи на кои жени и девојки, главно анонимно, споделуваат лични сведоштва на сексуално вознемирување и напади во училишта, на работа и на улица.

Овие сведоштва се јавија како одговор на Инстаграм објава од косовскиот феминистички медиум Грацета за лошо менаџиран случај на сексуално вознемирување во едно училиште во Приштина.

„Еден ден, ќе мора да разговараме за тоа колку е нормално да се плескаат девојчињата по задникот во основно училиште“, објави еден корисник на Твитер. „Момчињата од мојот час формираа круг и ставаа една девојка внатре и ја допираа насекаде. Се ежам секогаш кога ќе се сетам на ова,“, сподели друг.

Други жени и девојки споделија слични искуства. „Учител по физичко во училиштето на мојот пријател, кој е познат на сите по тоа што малтретира девојки, дава несоодветни коментари за нивниот изглед и инсистира да се носат тесни униформи“, гласи една од многуте споделени приказни за сексуално вознемирување кое го вршат наставниците.

Еуриса Руковчи, психолог и основачка на Гразета, за БИРН изјави дека за многу жени токму социјалните мрежи се безбедно место за споделување.

Зборувајќи за одговорот на приказните на Гразета, Руковци вели дека тие претставиле „различни приказни од жени и девојчиња… за вознемирување кое го доживуваат во училиште, на факултетите, на работа, на улици и во семејства“.

Дополнително, споменувајќи примери на домашно и сексуално насилство што завршило фатално, Руковци вели дека социјалната стигма и патријархалниот начин на размислување долго ги спречувале жените да зборуваат за овие прашања.

Често, дури и кога жените во Албанија и Косово пријавуваат напади, па дури и ако имале физички докази, таа вели: „третманот што го добиваат во институциите што треба да бидат одговорни за нивната безбедност е многу лош“.

Во меѓувреме, сведоштвата за сексуално насилство во Косово и Албанија продолжуваат да излегуваат на површина. Во вторникот, таткото на девојчето кое преживеа сексуален напад беше убиен во косовскиот град Пеќ од страна на истото лице обвинето за нападот врз неговата ќерка.

Претходно во мај, 54-годишна мајка на три деца во Елбасан, централна Албанија, која побара развод, беше убиена од нејзиниот сопруг со АК-47.

Таа беше застрелана во зградата на судот во Елбасан среде бел ден пред нејзиниот најмлад син. Убиството предизвика протести на активисти за човекови права и граѓани во Елбасан на 11 мај.

Во март, 44-годишна жена во Приштина беше убиена од нејзиниот поранешен сопруг, 12 дена откако побара полициска заштита.

„Законот не е соодветен, и државата не постапуваат прваилно. Патријархалниот менталитет влева страв кај девојчињата и жените да пријават што било“, објасни Руковци, додавајќи дека ова„ може да ги демотивира и другите да зборуваат“.

По објавувањето на приказните на читателите за сексуално вознемирување и напади,  од Грацета велат дека добиле закани од непознати лица користејќи лажни профили.

Додека Руковци и нејзините колеги/шки разгледуваат системски начини за решавање на вакви случаи во иднина, таа вели дека е убедена дека растечките протести во јавноста ќе резултираат со посериозен третман на ваквите случаи од страна на институциите во двете земји.

„Се надевам дека оваа [реакција на јавноста] ќе биде силен показател дека помладите генерации учат да се справуваат со овие прашања и да го кренат својот глас против неправдите направени врз нив и нивните врсници“, рече таа.

Руковци верува дека друг важен аспект е креирање стратегија за справување со психолошките последици што ги доживеале жртвите.

Но, таа исто така верува дека кога луѓето ќе започнат да се здружуваат против неправдата, тоа покажува што го чека општеството во иднина. „Тоа е предупредување дека повеќе нема да го толерираме ова“, рече таа.

 

 

 

 

Авторка: Xhorxhina Bami

Извор: Balkan Insight 

Back to top button
Close