Јована Матевска-Атанасова ја прими наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ 

Оваа награда за мене претставува голема чест, како и поттик за натамошно творештво и создавање нови литературни дела. Тоа го истакна Јована Матевска-Атанасова, која годинава е лауреат на високата литературна награда „Живко Чинго“ што Општина Охрид ја доделува секоја година во чест на ликот и делото на големиот охридски и македонски раскажувач и писател.

Оваа година се одбележува 85-годишнината од раѓањето на Чинго, но поради новонастанатата ситуација со епидемијата на коронавирусот, не се одржа традиционалната манифестација „Вечери на Чинго“ што секоја година беше организирана во неговото родно село Велгошти кај Охрид.

За разлика од минатите години, овојпат се одржа само пригодна свеченост пред спомен-обележјето на големиот литературен деец, во атарот на црквата „Света Петка“.

Покрај делегацијата на Општина Охрид, предводена од претседателката на Советот Живка Ангелоска, цвеќе пред спомен-обележјето положија и членови на фамилијата на Чинго, претставници на ОУ „Живко Чинго“ и на Сојузот на борци.

Свое кусо обраќање имаше и годинешниот лауреат на наградата, Јована Матевска-Атанасова, чиј расказ „Гладоморје“ беше избран за најдобар на отворениот Конкурс за наградата „Живко Чинго“.

Матевска-Атанасова е дипломиран психолог и авторка на романите „Тамбовските снегови“ и „Писмата во библиотеката“, награден на конкурсот за поддршка на млади талентирани автори на фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО. Учесничка на регионални и меѓународни конкурси, добитник на повеќе награди, меѓу кои најзначајни се наградите во 2015 и 2016 година, на реномираниот и традиционален конкурс за краток расказ што го распишува весникот „Нова Македонија“, за насловите „Двете дланки“ и „Нештовина“. Во 2018 нејзиниот расказ „Индигото на бесот“ влезе во збирката на регионалниот конкурс „Бибер 2“ и е преведен на три јазици.

Стручното жири што ги оценуваше пристигнатите трудови за наградата „Живко Чинго“ го избра нејзиниот расказ „Гладоморје“ за најдобар за тековната 2020 година, во конкуренција на 71 дело, со образложение дека се работи за „расказ што претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност, со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби“.

Back to top button
Close