Јованоски: Матичните лекари се вклучуваат волонтерски на Инфективното одделение во Прилеп

Прилепските градски власти се согласуваат со анализите на Министерството за здравство дека досегашните мерки се доволни и засега нема потреба од дополнителни, изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски по денешната средба со министерот за здравство Венко Филипче.

Според Јованоски, градот ги зајакнува локалните мерки, а за поздравување е фактот што од утре матичните лекари со тимови почнуваат да волонтираат и да бидат на помош на исцрпениот медицински персонал во прилепското Инфективно одделение. Се пријавија преку 30 матични лекари.

– По направената анализа со министерот за епидемиолошката состојба во градот, дојдовме до сознание дека се доволни сегашните мерки, потребно е да се почитуваат. Како општински кризен штаб ќе продолжиме со спроведувањето на локалните мерки. На медицинскиот персонал многу му е потребна помошта на Инфективното одделение и се заблагодарувам на подадената рака на Здружението на матичните лекари за да помогнат. Договорено е од утре  со еден до два тима матични лекари во текот на денот да се помогне и да се волонтира во Инфективното одделение. Таквата помош е најпотребна во време на викендите. Во овој момент вклучени се 30 до 35 матични лекари, рече Јованоски.

Низ градот од вчера се активни волонтерите од спасувачката служба „Златоврв“ и други волонтери. Тие неуморно работат на теренот, низ градот. Тоа е поттик за сите да ги почитуваат мерките, но и да помогнат и да се јават други волонтери.

Back to top button
Close