Јовановски се обидува да избегне кривична одговорност, вели обвинителката Бојчевиќ

Исказот на обвинетиот Стојанче Јовановски е обид за манипулација со цел тој да се прикаже како жртва и да ја избегне одговорноста за смртта на неговата сопруга и ќерка, изјави обвинителката Адела Бојчевиќ по завршувањето на денешното рочиште во Основниот кривичен суд.
Според неа, денешното сведочење на Јовановски, во кое тој тврдеше дека му била подметнувана дрога и дека бил жртва на уцени, е целосно спротивно на изведените материјални докази.
Таа се повика на наодите од стручните лица кои го анализирале профилот на обвинетиот и за кои рече дека ќе бидат детално елаборирани во завршниот збор.
-Доказите, особено психолошкото вештачење и мислењето на вештите лица, укажуваат на личносни карактеристики кај обвинетиот како изразена манипулативност и тенденција кон искривување на вистината во насока на самозаштита. Тој се обидува да ја префрли одговорноста на други лица и да го минимизира сопственото однесување – истакна Бојчевиќ.
Обвинителката ги отфрли тврдењата на одбраната дека во телефонот на обвинетиот постојат докази за закани од страна на Мартин Саздов. Анализата на електронската комуникација, рече таа, не дала никакви сознанија кои би ги потврдиле наводите на Јовановски.
За евентуално претходно пријавени случаи, додаде дека постојат надлежни органи кои постапуваат, но нагласи дека не може да коментира надвор од предметот на обвинение. Денешниот исказ на обвинетиот, таа го оцени како обид да не биде прикажан како сторител, туку како жртва во настанот.
-Целиот исказ го гледам само како обид обвинетиот да се прикаже не како сторител, туку како жртва во целиот настан. Тоа е мојата целосна слика, а доказите што ги имаме одат во прилог на таквиот заклучок – рече таа.






