Јовески: Дел од оценката на Стејт департментот за пробиени рокови за истраги се за предметите на СЈО

Дел од оценките на Стејт департментот за пробиени рокови за истраги се однесуваат на предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, изјави вечерва републичкиот обвинител Љубомир Јовески во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Имаме податок дека дел од оваа оценка се однесува од предметите на поранешното СЈО, но тоа не значи дека немаме такви предмети и во редовното обвинителството. На пример имаме неколку предмети во ОЈО Охрид, ОЈО Скопје и во другите обвинителства“, рече Јовески.

Тој рече дека изминативе години се поведени дисциплински постапки против пет обвинители. За четири од нив сè уште постапува дисциплинската комисија, додека постапката за еден обвинител е во процедура на жалбена постапка пред Советот на јавни обвинители.

Јовески и вечерва повтори дека извештајот на Стејт департментот во делот на обвинителството е објективен, како и дека покрај забелешката, се нотира и напредок.

Во однос на пробиените рокови, потсети дека на неодамнешната средба со шефовите на јавните обвинителства побарал податоци за секој обвинител и за неговите предмети, но и потенцираше дека роковите за водење истраги се од инструктивен карактер.

Back to top button
Close