Јовески открива: Човечки фактор или техничката неисправност на возилото можни причини за несреќата

Во овој момент не може да се каже која е причината за незгодата. Можни се два фактори, човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото, изјави јавниот обвинител на Република Северна  Македонија Љубомир Јовески пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници од денешната автобуската несреќа.

– За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата, истакна Јовески и додаде дека станува збор за пообемни вештачења.

Тој посочи дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.

– Телата во моментов се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши, изјави Јовески.

Државниот јавен обвинител посочи дека не станува збор за паралелна истрага. – Со Обвинителството на Бугарија имаме развиено добри колегијални односи. Станува збор да се убрза оваа постапка, да видиме кои документи им се потребни од нашата држава за да може што поскоро да се утврдат сите факти за оваа трагедија. 

На прашање дали се сретнале со сопственикот на агенцијата, Јовески рече дека се сретнале, но дека не разговарале. – Ние се сретнавме само таму, но немаше причина да разговараме. Ниту можеме да разговараме, тој во постапката ќе треба да даде соодветна изјава, додаде Јовески.

Во Софија со Јовески е и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која посочи дека увидот се уште трае и оти не може да кажа подетални информации. – Според првичните информации нешто што разбравме е дека има удрено во банкина, додаде таа.  

Државниот јавен обвинител Јовески рече дека е уверен оти бугарските лекари и медицинските лица преземаат се што е неопходно за повредените патници и притоа изрази сочувство до семејствата на настраданите за оваа голема трагедија во која загинаа и 12 деца.  

Автобусот со македонска регистрација влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 2 часот по македонско време на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград.

Според последните информации, во автобусот имало 53 лица, од кои 46 го загубиле животот, а седуммина повредени се пренесени во болницата во Софија.

Back to top button
Close