ЈП „Колекторски систем“ годинава со 40 милиони денари ќе работи на санација и одржување на системот за заштита на Охридското Езеро

Јавното претпријатие „Колекторски систем“ за заштита на Охридското Езеро по повод Светскиот ден на водите објави соопштение за сработеното изминатиот период и плановите за работа за во иднина.

Со средствата во износ од 4,2 милиони евра што на претпријатието во 2019 година му беа одделени од Владата започна санацијата на колекторскиот систем изграден пред повеќе од четири децении.

„Од тогаш па сѐ до денес претпријатието презема голем број активности“, велат од претпријатието, притоа посочувајќи дека е спроведено снимање на цевководниот систем, негово чистење и вовлекување цевка во цевка по најнова ЦИПП метода без ископување… Решени се проблематични четири локации каде доаѓаше до излевање фекалии директно во Охридското Езеро, а репарирани се и 20 комплети пумпи и ставање во макимален капацитет на сите препумпни станици.

Спроведено било и чистење на секундарна канализација и тоа осум километри во Охрид и шест километри во Струга, потоа чистење на собирни базени на препумпни станици – промена на нови потопни пумпи со сопствени секачи на три препумпни места со што, како што се посочува, е намален проблемот на затнување на пумпите со непрописно одлагани влажни марамици низ системот.Дополнително извршено е снимање и чистење на цевководите, поставување фрекфентна регулација и автоматика на пет препумпни станици (со режим на работа според нивото на отпадна вода), како и санација на пречистителна станица и ставање во функција на скоро 90 проценти од нејзиниот капацитет.

Инаку, оваа година претпријатието од Владата доби нови 40 милиони денари за продолжување со санацијата и унапредување на ефикасноста на Колекторскиот систем Охрид – Струга. Предвидено е да се работи на решавање на проблемот кај реката Грашница, прем,инот преку реката Црн Дрим и продолжување на репарација на цевководите со вовлкување.

Од Јавното претпријатие „Колекторски систем“ истакнуваат дека ќе продолжи грижата за одржувањето на системот за прочистување на отпадни води, со цел избегнување на сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини во неговото опкружување.

Истовремено по повод Светскиот ден на водите упатуваат порака за подигнување на еколошката свест кај народот и зачувување на чистотата на природата и водите.

Back to top button
Close