Пјонгјанг ги нарече „измислени“ тврдењата на Зеленски за испраќање нови 50.000 севернокорејски војници во Русија

Ким Јо-џонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, ги отфрли тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Пјонгјанг планира да испрати уште 50.000 севернокорејски војници во Русија за борба против Украина.
Ким Јо-џонг, која извршува висока функција во владејачката Работничка партија на Кореја, во изјава за Корејската централна телеграфска агенција (КЦТА) ги оцени проценките на Зеленски како „неосновани“ и „измислени“. Украинскиот претседател го изнесе ова тврдење во објава на социјалната мрежа „Икс“, во која истовремено ја повика Јужна Кореја да ѝ обезбеди на Украина поддршка во системи за противвоздушна одбрана.
Таа нагласи дека за избувнувањето на војната и за продолжувањето на кризата во Украина се одговорни исклучиво САД и нивните западни сојузници.
Во 2024 година Северна Кореја испрати речиси 14.000 свои војници во руската Курска област, во рамки на Догоговорот за сеопфатно стратешко партнерство, кој беше потпишан за време на официјалната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг истата година. Според проценките на Украина и на повеќе независни извори, Пјонгјанг дополнително ѝ испорачал на Русија и милиони артилериски и минофрлачки гранати, балистички ракети, артилериски системи со голем дострел и повеќецевни фрлачи на ракети.
Ким Јо-џонг исто така оцени дека „непријателската политика“ на САД кон Северна Кореја останува непроменета, и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп значително да го намали американското учество во годишната заедничка воена вежба со Сеул. Таа додаде дека, иако односите меѓу лидерите на САД и Северна Кореја се „навистина добри“, Вашингтон продолжува да организира воени маневри со јужнокорејската армија, со што, според неа, директно ја загрожува националната безбедност на Пјонгјанг.
Сестрата на севернокорејскиот лидер истакна дека не ѝ е познато дека имало какви било неодамнешни контакти меѓу двајцата државници, откако Трамп во понеделникот изјави дека добил порака од Ким Џонг-ун по намалувањето на обемот на вежбата, при што ја опиша Северна Кореја како земја која е „незаканувачка и полна со почит“.






