ЈП „Улици и патишта“ за мостот во Драчево: Работиме на конкретни решенија за негова санација и реконструкција
Во координација со службите на Град Скопје, ЈП „Улици и патишта“ уште вчера го обезбеди критичното место на мостот кон Драчево, каде е настанато негово оштетување, истакна денеска директорот на „Улици и патишта“, Борис Настов во гостувањето на вестите на „Телевизија 24“.
Тој додаде дека во текот на следниот период ќе работат на изнаоѓање конкретни решенија за санација на мостот и негова реконструкција.
„Во текот на денешниот ден се изврши поставување на челична плотна со соодветна дебелина за да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот на овој потег“ истакна Настов.
Тој истакна дека службите на Град Скопје уште во 2018 година утврдиле потреба од итно интервенирање на овој мост, кој е стар повеќе од 50 години. Настов додаде и дека станува збор за дел од регионален пат кој има поделени надлежности за кои и Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта има обрска за постапување.
„Апелираме до надлежните институции со цел да се избегнат дополнителни оштетувања и загрозување на безбедноста се до целосна реализација на санацијата да не се дозволи транзит на тешки товарни возила на тој потег“ апелираат од ЈП „Улици и патишта“.
Како што истакна првиот човек на претпријатието, во насока на брза интервенција, службите на Градот Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ ќе пристапат кон соодветно решавање, санација или целосна реконструкција на ваквите критични места.
Инаку, на средината на мостот над Маркова Река пред скопската населба Драчево постои голема дупка што претставува опасност за безбедноста на возилата што се движат по него, а за која вчера стигнале пријави од граѓани до Центарот за управување со кризи (ЦУК).