Пачешкоски: Пратеникот Ристески да даде оставка, има кривична пријава за набавка на мазут

Ако Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ сака да докаже дека не е дел од мафијашките структури на таа партија треба да си даде оставка, да се откаже од пратеничкиот имунитет и да биде достапен за надлежните органи, изјави претседателот на прилепската организација на СДСМ Зоран Пачешкоски кој на прес-конференција рече дека Ристески, за периодот кога бил директор на болницата во Прилеп, без тендер набавувал мазут, за што добил кривична пријава од МВР.

Изречените затворски казни за поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за бројни министри, пратеници, градоначалници и други функционери од ВМРО-ДПМНЕ, само го потврдуваат тоа што СДСМ го тврдеше – дека со државата 11 години владееше злосторничко здружување.

И уште не стивнале реакциите од последната судска пресуда со која на најбогатата партија во Европа и’ е одземена „Белата палата”, јавноста е сведок на нова кривична пријава против актуелен функционер од партијата на Мицкоски. Поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластување’, Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески“, рече на прес-конференција во Прилеп Зоран Пачешкоски, претседател на прилепската организација на СДСМ.

Тој додаде дека во периодот од октомври 2015 до август 2017 година, од позиција на директор на прилепската болница, Ристески без јавна набавка набавил 190.000 килограми мазут во вкупна вредност од околу 5.500.000 денари.

„Тоа е истиот оној Петар Ристески кому устата му е полна со декларативни заложби за чесност и борба против криминалот и корупцијата, а кој по ништо не се разликува од неговите наредбодавачи Груевски и Мицкоски. Дали поднесената кривична пријава против него значи дека и тој својот имот, или дел од него го стекнал на незаконски начин, идентично како што тоа го направил унгарскиот бегалец со „Белата палата”?  Доколку Ристески сака да покаже дека не е дел од мафијашките структури на ВМРО-ДПМНЕ, постојат два начина за тоа: Првиот, да даде неотповиклива оставка од пратеничката функција и вториот, да се откаже од правото на пратенички имунитет и да им се стави на располагање на правосудните органи“, рече Пачешкоски .

Back to top button
Close