Падна израелската Влада, не го усвои буџетот за следната година

По силата на законот, ноќеска на полноќ падна израелската Влада и за три месеци треба да се очекуваат нови парламентарни избори во оваа земја, четврти во последните две години.

Поделената и раскарана израелска Влада падна по истекувањето на законскиот рок за усвојување на новиот буџет на земјата за 2021 година, што беше до ноќеска на полноќ, отворајќи го патот за новите, четврти парламентарни избори во последните две години.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговиот главен коалициски партнер, Бени Ганц, не успеаја да го решат буџетскиот спор. Израелскиот закон предвидува избори доколку фискалниот пакет не биде усвоен до вторник на полноќ, а пратениците во понеделникот вечерта гласаа против продолжување на рокот за усвојување на буџетот, пренесуваат американските медиуми.

Изборите се закажани за крајот на март, а Нетанјаху претходно на националната телевизија рече дека ветува дека ќе победи доколку се одржат изборите.

Лидерот на партијата Ликуд ги обвини членовите на коалицискиот партнер од партијата „Сино-бело“ за кризата во коалицијата, предводена од Бени Ганц.

Во срцето на конфликтот во рамките на коалицијата е судењето на израелскиот премиер, кој е обвинет за корупција. Ганц го обвини Нетанјаху за нарушување на нивниот договор за поделба на моќта со тоа што остана на функцијата за време на судењето.

Тој и другите критичари на премиерот велат дека Нетанјаху се надева дека ќе формира нова влада, која ќе назначи лојални луѓе на клучните позиции, кои ќе му помогнат да добие имунитет или да му се повлечат обвиненијата против него.

На претходните три избори, Нетанјаху не успеа да формира мнозинска коалиција со неговите традиционални верски и националистички сојузници, но, сепак, контролираше доволно места во парламентот за да ги спречи неговите противници да формираат коалиција.

Меѓутоа, резултатите од неодамнешните анкети на јавното мислење покажуваат дека ова наскоро може да се промени и дека парламентарното мнозинство може да биде контролирано од неговите ривали.

Нив ги предводи десничарот Гидеон Сар, кој го напушти Ликуд пред неколку недели и најави дека ќе формира нова партија. Поддршката за Сар, според истражувањето, е многу близу до поддршката на долгогодишниот израелски лидер. Сар, кој некогаш беше шеф на кабинет на Нетанјаху, го обвини премиерот дека Ликуд го претворил во „култ на личноста“.

Анкетите за јавното мислење покажуваат дека Ганц можеби нема да добие доволно гласови за да влезе во парламентот.

Back to top button
Close