Падна митот дека сите Албанци се за ЕУ
Денко Малески
Падна митот дека сите албански политичари во Македонија се за ЕУ. Сите албански политичари, како и сите македонски политичари, се за власт. Во телевизиско интервју, еден од водачите на Влен, Биљал Касами, објаснувајќи ја партиската позиција околу преговорите со ЕУ, ги повтори истите зборови на премиерот Мицковски. Така разбираме дека и Влен бара гаранции дека внесувањето на Бугарите во уставот е последното барање. Бидејќи такви гаранции нема во меѓународната политика, особено не во сојузи чија смисла на постоење е одбрана на интересите на своите членови, па оттаму и правото на вето. Со оваа политика, Влен може да помине и цел мандат чекајќи некој да го однесе бугарскиот претседател на кафе, според зборовите на албанскиот политичар, можното решение и за Македонија. Значи, и за албанскиот коалициски партнер, топката е кај ЕУ, а не е кај нас како што ни велат од сојузот на кој сакаме да му се придружиме. Со ова не сакам да кажам дека ова е нужно лоша политика. Во отсуство на директно американско влијание, поверојатно е дека толку се нашите (македонско-албански) можности, без да произведеме меѓуетнички конфликт.
Со доаѓањето на Доналд Трамп на власт, политичкиот амбиент во светот, па и во Македонија, се промени. Напуштена е стратегијата Америка да го менува светот според сопствениот лик, во прилог на ширењето на либералната демократија, политика која ја вовлече големата нуклеарна сила во серија војни и серија воени порази. Последната интервенција на Америка во македонските работи беше изјавата на нивниот висок дипломат О’ Брајен, од администрацијата на претседателот Бајден, кој се залагаше за примена на „францускиот предлог“, барајќи од ВМРО-ДПМНЕ да го обелоденат својот алтернативен план.
Бенигната интервенција со поучната приказна за половниот автомобил беше далеку од интервенциите на ЦИА во местење на избори, пракса која жестоко ја критикувана ви Америка денес. Значи, оставени сме на себе. Имаме партии, политички институции, избори и целиот арсенал карактеристичен за демократскиот процес. Сега, без директното инволвирање на американската амбасада во дневната политика на Македонија, ќе видиме како функционира автентична македонска политика. Се плашам дека европското влијание врз македонските политичари не е вистинската замена за американското.
Имено, Америка делува(ше) со притисок странската држава да стори нешто што не би го сторила без притисок, додека големите европски сили, како Германија, делуваат со пример. Мислам дека вропското влијание е слаба замена за балканските политичари кои, често, „ниту се водат ниту се тераат“.
Доаѓаат нови избори, локални, овој пат. Доаѓа нова битка за власт. Сега знаеме. Секој потег на политичарите, биле тие Албанци или Македонци е мотивиран од желбата за освојување на политичка моќ или желбата таа да се сочува. Повикувањето на европските вредности и членство во ЕУ ќе зависи од тоа колку оди во прилог на главната цел: освојување на власта или нејзино сочувување. Но, партиите мора да се свесни и за новиот политички амбиент: отсуството на американското влијание, за добро или за лошо. Како ќе се снајдат? Тешко.