Падната карпа тешка неколку тони оштети куќа во Делчево

Огромна карпа тешка неколку тони, направи голема штета на куќниот имот на семејството Димитровски во Делчево. Поради невреме и можен удар од гром, карпата која паднала од камениот рид над куќата на делчевецот Стоил Димитровски, најпрвин удрила во близина на детската соба каде спиеле трите дечиња на синот и снаата на Димитровски.

-Отспротива во детската соба за време на несреќата спиеа трите дечиња на синот кои се трето и шесто одделение, а едното оди во градинка. Тие се исплашија од ударот и сега спијат со мајка им. Несреќата се случи од невремето пред некој ден, при што карпата паднала најверојатно по удар од гром или од други причини. Состојбата на неколку куќи во соседството е ваква 40 години, живееме под ридот и имаме ветување од сите гарнитури во тие 40 години, но досега никој не се нафатил да го реши проблемот со изградба на потпорен ѕид кој ќе не заштити, вели Димитровски.

Семејството деновиве е во очекување да ги посети осигурителната компанија за да ја видат штетата, бидејки како што вели кога се градела куќата, за да добијат кредит за изградба од банката, морале истата да ја осигураат.

-Кога требаше да земам кредит, од банката рекоа куќата да се осигура. Плаќаме редовно за кредитот, но од осигурителната компанија ги нема да дојдат да видат за каква штета станува збор. А штетата е голема, оштетени се плочки, бољер, перална, многу работи кои вредат можеби и 10 илјади евра. Дополнително сега е проблем што паднатата карпа не може да се извади со машина, треба да се буши со хилта парче по парче, тука машина не може да пријде, додава Димитровски.

Тој бара изградба на потпорен ѕид за чија изградба како што вели и самиот ќе учествува, се со цел овој проблем да се реши.

Пред неколку години сличен случај, како што додаваат соседите, имало и на други куќи. Тие со страв уверуваат дека е опасно под ридот од карпи да се живее без потпорен ѕид.

-Јас живеам малку понастрана, но се соочувам со истиот проблем, за кој ако не се преземе нешто „Не дај Боже“ сите може да не снајде истото што го снајде Стоил. Овој рид е страшен, годините минуваат, карпите попуштаат, пак ќе речам „Не дај Боже“ да има земјотрес, ќе падне целиот рид, вели соседот Шемши Ковачки.

Димитровски и соседите очекуваат да се најде проектот кој е изработен од поодамна и со изградба на потпорен ѕид да се пристапи кон решавање на проблемот. Во меѓувреме штетата ова семејство ќе бара да ја покрие осигурителната компанија, од каде засега немаат одговор дали ќе извршат проценка на истата за која би им следувало отштета.

Back to top button
Close