Паднатото сонце

Донекаде поттикнат од полемиките на мрежите по повод прославата на 8 Март, Денот на жената и женските права, a посебно од неколкудневната расправа за поврзани теми на сесии на Комисијата за статусот на жената, овде во Организацијата на обединетите нации во Њујорк, една од најважните годишни сесии, тука, споделувам неколку зборови за таа моќна турбина на правата на човекот, која денес е дел од приоритетите на акција во сите акти и програми на оваа Организација, и реално станува светска приоритетна тема без скромност и преувеличување: правата и статусот на жената (статус на жените и девојките, нивната рамноправност и ‘омоќување’).

Имате чувство дека доминираат две паралени енергии во оваа дешавка – едната на прослава и самочествување и другата шокирачка, кога се соочувате на едно место со палетата неправди, насилство, страдање и саможртва на жените и девојките на глобално ниво.

Дискурсот на правата на жената се јавува во редица на социјални ситуации и сегменти на национално ниво (случаи на дискриминација и злосторства во пооделни земји како Иран, Мајнмар, Сирија и сл: UN Watch, Standing with Iranian women and women of Myanmar), и на глобално, опфаќајќи ги посебно изложените групи како ЛГБТИ популацијата (OUTRIGHT International: Equality without borders). Тоа се расправа на серија настани, од жената и дигитализацијата (нешто што изгледа малку откачено земајќи предвид други, погорливи сегменти на нејзина дискриминација и виктимизација) до непропорционалноста на нејзината виктимизација во ситуации на климатски катастрофи, и посебно војни и етнички, расни судири во светот. Во средиште на оваа палета се сегментите на политиката и репрезентативноста во неа, па во бизнисот, образованието и другите социјални сегменти на моќ.

Практично ја гледате како проблесок, во еден момент на едно место, во таа палетска расправа и прелетување низ темите и проблемите, сета глобална хендикепираност, дискриминација, потценетост, насилство и жртвување на половина од човештвото, жените и девојките – за светот во кој живееме (најголемото “малцинство“, како го нарекуваат).

На некој начин, од овој аспект, апсолутна оправданост има идеолошкото и педагошко (за некој и патетично) ‘преувеличување’, изразено во основната парола на прославата на 8 Март во Македонија „Дали овде жените ќе преживеат“. Таа парола има виктимолошка оправданост и идеолошка ориентација на посочување на дискримирачката, непропорционална изложеност на насилство, и се’ уште незастапеност на жената локално (а не мерење на бројките и имињата на ангажираноста на некои жени во системот), и истовремено идентитетска амблематичност, солидарност со страдањето на жените во светот.

Како што гласи стариот метод на Владимир Ленин: ако стапчето е искривено на една страна, треба да го искривите на спротивната за конечно да го исправите (bending the stick).

Палетата на борбата за права, еднаквост и заштита од насилство во ООН се расправа глобално, oд два аспекти: Првиот е кризен и поврзан со изложеноста на насиство, физичко и психичко, најчесто заедно – жените во кризни подрачја и во кризните кошиња на националните системи, и во демократските држави (ова е поврзано со непропорционалната изложеност на насилство на жените во граѓанските војни (руската агресија врз Украина), дома, на работното место, на улица во сите земји без исклучок во различни степени, но секаде присутно. Во овој дел спаѓа и непропорционалната изложеност и страдање на жените при елементарните непогоди, пандемии и еколошки кризи.

Вториот е условите за негова елиминација пред се’ преку застапеноста на жената во сите овие сегменти на социјална моќ, нејзино омоќување (ставање на алатките на моќ во нејзини раце) преку достапност на образование и знаење (тука сегментот на дигитализација е битен).

Во првиот, кризен дел, може да се соочите со огромен број на факти, искуства и активисти од теренот на злоставувањата. Сериозен број на земји и жени го живеат тој и таков живот секој ден, соочени со страв и насилство. 200 милиони жени страдаат заради принудна генитална мутилација (4 милиони девојчиња се изложени на опасноста од неа само оваа година). Двојно од тоа се изложени на малолетни договорени бракови, без можност за образование и било каква контрола на својот живот, и телесен и ментален интегритет. Во некои од земјите (пр. Иран, Авганистан) се говори за воспоставување на систем на женски апартхејд, имено систем кој ги става во подредена улога жените подлабоко од тоа што поимот дискриминација може да опише.

И двата драстични случаја и многу други по пат се тема на односот религија – женски права и ја покажуваат малигноста на доминацијата на религијата на тој дискурс на права. Од тој аспект паролата религијата да ги држи рацете подалеку од женските права има основа и логика.

Една од темите во таа смисла е промена на Конвенцијата која се бави со злосторства против човештвото, и додавање на две нови кривични дела: казнување на злосторството ‘женски апартхејд’ и целосна изолација на земјите кои него го практикуваат (слично на искуствата со Јужна Африка за расниот апартхејд), и второ злосторство, најчесто во воените подрачја на идентитетските судири (сега и Украина се подведува под нив), насилно, намерно забременување на силуваните жени и девојки (забременувањата во случаи на силувањата се третираа како кумулативна, колатерална штета и се казнува во рамките на силувањето како злосторство против човештвото), сега се одвојуваат и се додава тежина на тоа кривично дело и соодветна казна.

Системот на оваа анализа и дебата е троен: слушање на актерките, жртвите и експертите за праксата и делата (lesson learning), заштита или креирање на норма која забранува, и казнува и скица на постконфликтниот мировен процес на помирување, бидејќи целта е и после казните и транзициската правда, да се овозможи таквите општества да продолжат да бидат општества во кои се живее.

Случаите на исфрлање на Иран од Комисијата за статусот на жената и на Русија од Советот за човекови права, го даваат правецот на акција од овој вид.

Општиот апел на сите активисти и жртви до меѓународната заедница и ООН посебно, е да не се остават овие злосторства неказнети (impunity is not an option), да се реагира со акција, не со апели туку и со процедура на судења, воспоставувања на специјални судови во рамките на Постојаниот кривичен суд, со постојано известување, рапортирање и транспарентност, со системи на заштита и помош на жртвите од насилствата. Сувереноста на тие држави и правно не се однесува на заштита од акција, во областа на човековите права. Тие држави и поединци, кои го овозможуваат тој и таков систем и одлучуваат за такви воени стратегии мора да се донесат пред лицето на правдата, и да се казнат.

Секако дека репрезентативноста на жената во политиката и сите други јавни сегменти е средство за намалување на можноста за злосторствата од овој вид, и во најкризните подрачја. Таа е основна линија на менување на системот на водењето политика и застапување вредности и во најразвиените земји, исто така и околу ова прашање се води обемна расправа и се предлагаат мерки и се споделуваат статистики.

Надвор од оваа расправа лебди една друга – посуштествена, за тоа кои вредности жената има моќ да ги внесе во сиве овие сегменти на нејзина застапеност, во социјалното милје, и како може да направи разлика. Имено, за избегнување и менување на т.н. машка стапица на рационалноста. Да го илустрирам тоа би нафрлил само дека жената на раководно место во политиката е и премиерката на Нов Зеланд, но и премиерката на Италија. Едната внесува вредности на грижа, солидарност и емоции во местото кое го раководи, другата по-машки од машките ги спроведува машките ‘мачо’ исклучувачки вредности во политиката, и на еден драматичен начин го потврдува (некој ќе рече засилува) статус квото на доминација на машкиот принцип во политиката.

Вредностите кои жената може да ги внесе се во делот на т.н. зелени политики и екофеминизам, политики на грижа, солидарност, сочувствување, емпатија и емоции како дел од политиката и јавниот дискурс. Нормално, тоа нема да ги загрози координатите на рационалност на либералните демократии (каков што е призвукот на критика на овој пристап), но секако значи поместувања во можностите кон едно поправедно, посочувствително општество и употреба на моќта. Дури и во преговарачките тимови во мировните постконфликтни иницијативи и превентивни ангажмани се препорачува една нова женска димензија и присуство.

Некои тези и јас изложив на расправата за отстранување на Иран од Комисијата за статусот на жената, поттикнат од протестите на иранските жени и девојки, чиј главен слоган е Жени Живот Слобода, како тоа дека токму овие протести претставуваат генерална политичка можност не само за Блискиот Исток, туку за нашиот Еден Свет (Х. Арент) во кој живееме. Посебно затоа што женската револуција во Иран се протега низ различни класни, етнички поделби и токму така го напаѓа патријархатот, манифестиран во многу насилна форма. Двете поенти што се важни, и што сакам да ги споделам е дека злоупотребата на моќта против жените, што инаку функционира како лакмус тест за политичките системи, прави да е историски јасно дека секогаш кога владеачките структури се положени на тн. врска на сервилност или ‘servitude bond’, оптегната против тела што не треба да се видливи и против животи што не треба да имаат политичка вредност, ние зборуваме за мрачни политички времиња. Свиокот против женските права е аларм за демократијата и демократскиот влог во нашето заедничко живеење. Втората поента, од друга страна се однесува на недофатливата сила на жените во општеството, на силата што го има феминистичката борба и женските движења, нешто од што сите зависиме. Секогаш кога се зборува за политичка еманципација, на ум имаме политики базирани на феминистички принципи, тие на грижа и солидарност, и на силата да се спротивставиш на репресија.

За крај неколку збора од „За револуцијата“ на Хана Арент, што покажува дека состојбите во општеството што ги напаѓаат жените и женските права не ги афектираат само нив, туку сите нас, како и тоа дека женската борба за ослободување не е само за ослободување и омоќување на жените туку на сите нас: Никој не може да биде среќен без нејзиниот удел во јавната среќа, никој не може да биде слободен без и таа да ја искуси слободата јавно, и никој не може да биде ниту среќен ниту слободен без да е вклучен, да има дел од јавната моќ.

Љубомир Д . Фрчкоски

Back to top button
Close