Паднавме пред целта

Денко Малески

 

Уште се обидувам да најдам објаснување за зголемениот интерес на Британија за Македонија. Пари е мотивот на нашата власт, кое е на Британците? Фактот дека и двете страни го нарекуваат договор „историски“ не ми кажува ништо. Дополнителното сознание дека сите држави на Западен Балкан (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија) се дел од планот доставен до Комисијата за бегалци на ОН, како идни партнери во реализација на потфатот за иселување на нелегални мигранити, отвара нови прашања.Зарем на Беитанците им требаат четири држави, не мислат белким да раселат милиони луѓе? Патем кажано, читам соопштение на британската влада дека вицепремиерот Николовски ќе се сретне со Ангела Игл, британската министерка за безбедност на границите и азил, одговорна за нелегалната миграција. Се сретна ли? Никаде во нашите медиуми не прочитав дека таква средба е предвидена, а не пак остварена.

Заклучувам дека приказната е многу поголема од бегалската тема и доаѓам до запрепастувачки заклучоци. Со британскиот кредит се поништува притисокот од ЕУ врз владата да го прифати „францускиот предлог“. Се поништува притисокот, а не предлогот кој не може да се промени. Со овие пари, свесни се и ЕУ и Брисеч и Вашингтон, ВМРО-ДПМНЕ и претседателката можат да сметаат на два мандати. На прв поглед ова личи како Британија да ја саботира ЕУ. Опозицијата, пак, сојузникот на ЕУ, како да се „пуштени низ вода“.

Британците со „пари веднаш“ и го избија главниот адут од раката – прифаќање на уставните промени, брзо членство во ЕУ, па дури потоа „големи пари“, не е толку примамливо. Изборот кој и останува на опозицијата е крајно непопуларен: да се залага за прифаќање на Бугарите во уставот и да гласа против шесте милијарди евра, пари насушно потребни за државата.

Свесен за ова, водачот на опозицијата Филипче не се обидува да ја условува поддршката на договорот со Британците со уставни измени, туку веднаш изјави дека неговата партија ќе гласа за стратешкиот договор со Британија. Во обид, сепак, да ја држи и европската опција отворена, тој бара лидерска средба за продолжување на европскиот процес на интеграција. Но, сега , со вакви пари на располагање, власта нема да мрдне со малиот прст во таа насока. Мислам дека за ваков пресврт да се случи, Брисел, Лондон и Вашингтон, кои секако се во координација за состојбите на Западниот Балкан, мора да дошле до сознание дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека без економска помош тонеме.

Во светлината на руската опасност и војната во Украина, како и новата политика на Трамп кон војната и кон Европа, Британија најавува доближување до политиките на Унијата. Се разбира, премиерот Стармер, како и сите британски премиери пред него, прави се да не се оддалечи од Вашингтон. Оттаму, не е за верување дека ова е една од оние битки на интереси на големите сили опеани во нашите песни во кои се „дели и парчи“ мајка Македонија. Мислам дека се работи за усогласена политика Британија да ја преземе улогата на надзорник на безбедноста на Западен Балкан од кој (барем привремено) се повлекува ЕУ. Нè чекаа со децении да разбереме дека основниот принцип на делување на државите во меѓународната политика е „самопомош“ (self-help), и сега кренаа раце. Унијата, како што знаеме, ја чекаат големи промени во насока на градење на новата безбедносна архитектура, прво во самата Унија, а потоа и во Европа, освен ако сериозно не мислат да влезат во војна со Русија.

Од разговори со странски дипломати изминативе години, знам дека главниот интерес за Македонија беше нејзините политичари да не направат некаков безбедносен лом каков што беше оној со упадот на вооружените терористи во Куманово. Се плашам дека проценката во Брисел, Лондон и Вашингтон е дека нема шанси Македонија да го реши проблемот со Бугарија, што автоматски значи и со Унијата, и колку да бара „креативни“ решенија.

Едноставно, владеачката партија и огромното мнозинство Македонци изложени на идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, ја доживуваат Бугарија како „егзистенционална закана“, а брзи решенија во таквите случаи не постојат. Слично и со албанско-српскиот спор на Косово и оној на Република Српска и другите ентитети во Босна и Херцеговина. Во услови кога ЕУ веќе не може да чека зашто има свои сериозни проблеми и мора, примарно, да се грижи за единството на сојузот а не да се конфронтира со Бугарија, Унијата има кренато раце од нас за догледно време иако дипломатските бравури ќе продолжат.

Впечаток е дека Британија ја има улогата на „гума за спасување“ на стабилноста на Балканот кој, во остуство на (европска) перспектива за населението, лизга кон нов конфликт. Секако не е во ничиј интерес конфликт во најранливиот дел Западниот Балкан, „задниот двор“ на Европа. Не токму сега, кога „предниот двор“ е директно соочен со Русија. Оттаму, заклучокот ми е дека влезот на Британија во оваа критична зона на Европа е во прилог на зачувувањето на мирот. Во времето на распаѓањето на Југославија, Американците беа најблиски соработници со Британците во обидот да се справат со етничките сукоби, па и тоа, заедно со „специјалното партнерство“ меѓу двете земји би можело да задржи некакво индиректно американско присуство во регионот доколку Трамп реши на целосно повлекување.

Дека се работи за британска регионална политика насочена кон „изгубените случаи за ЕУ членство“, зборува посетата на британскиот министер за надворешни работи Лами на Приштина. Во април, при посетата на Косово, тој зборува за „топлината и силата“ на односите помеѓу Велика Британија и Кососво. Цитирајќи го Лами, британскиот амбасадор во Приштина Харгрејвс вели дека Косово се соочува со политичка ургентност да превземе иницијатива и да одбегне неговата иднина да биде определена од активности на други. По примерот на односите помеѓу Велика Британија и ЕУ, го охрабри Косово да се определи за прагматизам а не за гонење цели (pursuit of positions). Британскиот амбасадор во Скопје Лосон, можеше да го рече истото за Македонија, ама тоа потешко се кажува на држава која почнала, па запрала да преговара за членство во ЕУ. Но, пораката е иста: после децении во статус кандидат, a сега без визија како да се прескокне пречката наречена Бугарија, која, да повторам, во идеологијата на владеачката парија, масовно прифатена од гласачите, е означена како „егзистенционална закана“ за Македонците, треба да се биде практичен. Решение за ЕУ , барем во догледно време, нема и треба да се биде практичен, би не советувале Британците. Владата избра и се определи за прагматизам, за стратешки договор со Велика Британија. За три години, вели францускиот претседател Макрон, Албанија ќе биде членка на ЕУ. Можевме и ние, ама, сепак , не сме можеле. Паднавме пред целта. Сега треба повторно да се кренеме и да продолжиме кон ЕУ, стратешката цел која си ја поставивме на почетокот од нашата независност. И, овој пат, да не забораваме дека „самопомошта“ (self-help ) е основниот принцип во односите помеѓу државите во реалниот свет на меѓународната политика. Се друго се само изговори за неуспех.

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close