Пахор е за кофинансирање и зачувување на словенечката агенција СТА
Словенечката новинска агенција (СТА) извршува важна задача и нејзиниот опстанок не смее да биде доведен во прашање, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор, откако словенечката Влада денеска соопшти дека веќе одбива да ја финансира.
Хрватскиот портал Индекс јавува дека за проблемот Пахор вчера и денеска одделно разговараше со директорот на СТА, Бојан Веселиновиќ, и со директорот на владината канцеларија за печат и комуникации, Урош Урбанија.
Владината канцеларија е овластена да исплаќа буџетски средства за работењето на СТА, во која државата е основач, и годишно ја кофинансира со два милона евра.
Владата на Јанез Јанша во понеделеникот донесе одлука дека веќе нема услови за извршување на договорот меѓу државата и агенцијата СТА за 2021 година, а не беа исплатени ниту субвенции за октомври, што, според СТА, ја доведува во прашање нејзината иднина.