Пакт за миграција: Што носи новата политика на ЕУ за азилот?
По осум години тешки преговори со 27 земји членки, Европскиот парламент ја усвои сеопфатната реформа на европската политика за азил. Т.н. „пакт за миграција“, кој се состои од осум закони, првенствено има за цел да го намали бројот на барателиоте на азил, да ги забрза процедурите за добивање на азил и да ги префрли на надворешните граници од Унијата. Според податоците на Евростат, статистичката агенција на ЕУ, минатата година имало 1,14 милиони барања. Веќе четири години со ред бројот на таквите барања постојано се зглемува. Освен тоа, ококлу четири милиони бегалци од Украина се примени во ЕУ од 2022 година до сега.
Како би требало да функционираат процедурите на надворешните граници?
Барателите на азил и бегалците би требало во рок од седум дена по доаѓањето по копнен, воден или воздушен пат да бидат јасно идентификувани и регистрирани во проширената биометриска база на податоци „Евродак“.
Мигранти од земјите каде стапката на признавање на азил е помала од 20 проценти, треба да бидат задржани на границата до 12 недели. Во каповите кои мора да бидат формирани во Грција, Италија, Малта, Шпанија, Хрватска и на Кипар, треба да биде одлучено кој ќе биде вратен во матичната земја без натамошни испитувања. Тоа се однесува само на мал дел од оние кои доаѓаат. Каоацитетот на таквите кампови треба да биде 30 илјади места ширум ЕУ. Мигрантите од земји со повисока стапка на признавање азил, треба да минат низ редовната контрола. Тие процедури кои до сега можеа да траат и со години, сега треба да бидат скратени, а одбиените баратели да бидат депортирани директно од надворешните граници.
Како ќе им се олесни на земјите на т.н. прв влез во ЕУ?
Земјите во кои се прави првиот влез во Унијата би требало да бидат во можност некои баратели на азил или мигранти кои имаат добри шанси и да го добијат, да ги префрлат во други земји членки на ЕУ. Меѓу членките би требало да постои „задолжителна солидарност“. Држави како Унгарија, кои не сакаат да примаат мигранти, би требало барем да плаќаат отштета или да пратат опрема и персонал во земјите на т.н. прв влез во ЕУ.
Наведената сума за отштета е 20 илјади евра по неприфатен мигрант. Но, тој систем на компензација не е пропишан со закон, туку за него мора да преговараат земјите членки од случај до случај. Ако некоја земја се чувствува преоптоварена, може да ги ублажи правилата и да бара повеќе солидарност.
Сите 27 членки заедно одлучуваат дали навистина настапила таква „кризна ситуација“, што значи дека има многу простор за политички спорови.
Како ова треба да им олесни на актуелните целни земји?
Многу баратели на азил до сега директно од Грција или Италија заминуваа во Германија, Австрија, Франција, Холандија или Белгија. Тоа важи и за одбиените баратели. Земјите на првиоит прием како на пример Италија, всушност треба да биде обврзана азилантите да ги врати назад, но во пракса тоа не се случува. Новиот пакт за миграцијата сега повторно ги ревидира правилата. Поттикот за внатрешна миграција, т.н. фактори за привлекување, би требало да бидат заслабнати со уедначени бенефиции и исти услови секаде во ЕУ.
Дали депортациите ќе станат полесни?
Пактот предвидува дека луѓето во иднина побрзо ќе се депортираат во земјите на потекло или транзитните земји кои се означени како сигурни. Европската унија тежнее кон склучување на повеќе договори со трети земји за да си ги прифатат повторно одбиените мигранти. Често како пример се наведува договорот со Тунис. Земјата се согласи повторно да ги прифати своите државјани во замена за економска помош.
Меѓутоа, владата на Тунис не сака повторно да прима луѓе од субсахарска Африка, кои во ЕУ мигрирале преку Тунис. Договорот со Тунис од 2016 година доведе до намалување на бројот на бегалци од Сирија кои пристигнуваа во Грција во текот на четири години. Но, договорот веќе не функционира затоа што Турција не ги прифаќа сиријските бегалци од Грција.
Како да се спречи „aзилантскиот туризам“?
Граничарите на ЕУ во иднина би требало да ги евидентираат сите луѓе кои доаѓаат и да ги чуваат нивните биометриски податоци во проширената база на податоци, која ќе може да ја користат сите власти во Унијата. На тој начин ќе се утврди дали мигрантите кои се одбиени во Грција, на пример повторно поднесуваат барање за азил во Австрија, или поминуваат низ повеќе земји. Барателот на азил потоа полесно може да биде депортиран во т.н. прв влез во ЕУ и на крај во земјата на потекло. Од 2015 година имаше неколку обиди да се воведе задолжителна регистрација, а досегашната база на податоци „Еуродак“, во која се чуваат само отпечатоци од прстите, имаше значајни пропусти.
Зошто пактот и натаму е контроверзен?
Заговорниците на пактот тврдат дека построгите правила и процедури кои доведуваат до побрзи депортации, ќе имаат долгорочен ефект на одвраќање – дека помал број луѓе ќе се впуштат на таквиот пат бидејќи ќе имаат помали шанси да останат во Европа, дури и ако барањето им биде одбиено или без соодветна постапка. Критичарите на пактот се жалат дека со тоа ќе биде поткопано правото за азил во ЕУ и дека оние на кои заштита навистина им е потребна, во иднина ќе бидат одбиени. Тие сметаат дека страдањата на патот преку Средоземно море ќе продолжат.
Како понатаму?
Советот на ЕУ, односно претставниците на 27те земји членки, сега мора повторно да дадат согласност на крајот на април, што се смета за формалност. Кога законите и прописите од пактот ќе станат правно обврзувачки, најважно прашање ќе биде дали и како членките ги исполнуваат своите нови обврски. Дали Италија ќе воспостави функционално затворени гранични кампови? Дали северните и источните членки навистина ќе покажат солидарност и ќе ги прифатат мигрантите или барем ќе дадат финансиска помош?
Имплементацијата на новите правила ќе трае до две години, така што ќе биде јасно дали бројот на баратели на азил навистина се намалува.