Палачи на кабли, хибриден напад или институционална негрижа?

Палачи на кабли, хибриден напад или институционална негрижа – кој е виновен запожарите и загадувањето на Скопје? По густиот чад од запалените депонии, кој со денови го загадува главниот град, во јавноста се наметнаа бројни дилеми и прашања кој е виновен за потенцијалната еколошка катастрофа, чиишто последици се далекусежни за здравјето на скопјани.

Премиерот Христијан Мицкоски ја наметна дилемата дека пожарите што се случуваат во државата се организирани од центри на моќ од државата и надвор, за што рече дека има информации од службите. „Сакам да кажам дека вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат и сакам да упатам апел и до граѓаните дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следи, затоа што има центри на моќ во државата, но и надвор, коишто не сакаат оваа влада да успее. Ние ќе се бориме. Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да креираат, да лешинарат, а ние ќе продолжиме да работиме, да се бориме и на крај ќе победиме“, изјави Мицкоски во врска со пожарот во Трубарево, каде гореше објект со електронски отпад.

И директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов смета дека избувнувањето на пожарите во Македонија не е случајност и оти се работи за хибриден напад на Владата. „Самозапалувањето не почнува со толку силен интензитет. Вчера во исто време имавме два пожари. Еве да претпоставиме едниот случајно да избил, но два пожари во исто време веќе не верувам дека се случајност“, рече Ангелов на прес-конференција во Владата.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека постојат индиции за ваквите изјави. „Во интерес на истрагата во овој момент не би можел да споделам повеќе информации“, рече тој.

Над 200 луѓе живеат среде депонијата Вардариште

Надлежните преземаат мерки за контрола и проверки на депониите, со цел да се спречат нови пожари, но во моментот не може целосно да се забрани влезот и излезот од нив. Причина за тоа, според Тошковски, е што на поранешната депонија Вардариште живеат околу 200 луѓе. „Среде депонијата замислете, живеат над 200 луѓе. Ова е страшно од секој аспект. Индициите се дека потпалувањата се сторени од малкумина што живеат таму. Но, ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до нивното живеалиште“, рече Мицкоски, во однос на пожарите коишто се случуваа во изминатиот период.

Потоа тој укажува дека е потребно системско решение – да се најде соодветно живеалиште за тие луѓе, нивно дислоцирање и чистење на просторот.

 

Истрага за еколошки криминал

Во меѓувреме, во однос на пожарот во Трубарево, МВР презема мерки во рамки на истрага за еколошки криминал. На информативен разговор биле повикани четири лица, а дел од нив се под мерки предложени од јавен обвинител.

„Будни сме, присутни сме, МВР ги презема сите потребни дејствија. За секој за кој ќе има докази дека учествувал во ваков тип на криминал, кој е поврзан со еколошки криминал, ќе следуваат соодветни пријави. Граѓаните заслужуваат и безбедна и чиста Македонија во којашто би живееле, особено од еколошки аспект“, изјави Тошковски.

Министерот вели дека истрагата ќе оди „најдлабоко до каде што може да оди“ во однос на тоа кој ја издал дозволата за управување со отпад, дали се почитувале стандардите за работа и дали биле вршени редовни контроли за тоа како се уништува отпадот. Тој ги повика сите институции надлежни за проблемот, особено Министерството за животна средина и инспекторатите, максимално да се вклучат во преземање на сите нивни надлежни дејствија согласно закон.

„Да си ја работеле тие работата како што треба – немало да дојде до ова“, изјави Тошковски.

 

Детектирање на сите еколошки жаришта

Место да се трча и да се решава проблемот откако ќе се случи, Тошковски вели дека сите надлежни институции превентивно треба да си ја работат работата за да не дојде до инциденти. Најави детектирање на сите еколошки жаришта во земјата и ги повика инспекторатите, дирекции и други институции да излезат на терен да ги посетат сите, како легални, така и диви депонии.

„Треба да се види не само дали имаат дозвола за работа, туку и дали постапуваат согласно дозволата за работа, согласно професионални стандарди и законски утврдени правила на игра, дали постапуваат согласно подзаконските акти, како треба да се чува тој отпад, како треба да се складира, како треба да се уништува, во кои временски периоди треба да се преземаат дејствијата“, рече Тошковски.

 

Политичка и кривична одговорност

Од опозициската СДСМ бараат политичка и кривична одговорност за еколошката катастрофа во Скопје.

„Над 500 илјади жители на Скопје и околината се гушат во отровен чад од пожарите во Трубарево, Дрисла и Вардариште, а власта се крие зад измислени приказни за „хибридни напади“. Додека граѓаните вдишуваа канцерогени материи, институциите задоцнето реагираа, дури не излегоа навреме ниту да ги информираат граѓаните, да дадат препораки, да кажат како да се заштитат“, велат од партијата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во изјава за новинарите вели дека секогаш кога премиерот ќе се најде во ситуација да не може да изменаџира и не може да најде решение за проблемот – се некој друг му е крив. „Во изминативе 15 месеци прво имаше следење од дронови, обиди за дестабилизација, хибридни напади, па еве сега нешто се случува организирано од разни странски центри на моќ. Мислам дека ниту еден премиер досега не се осмелил вака да ја злоупотребува ситуацијата, ниту да ги злоупотребува безбедносните инструменти во земјата“, вели Филипче.

Партијата алармира дека скопјани уште не знаат колкаво е загадувањето, дали е целосно безбедно, колкава количество токсичен отпад изгоре, колкава беше концентрацијата на отровни, корозивни и опасни материи за здравјето на луѓето?

Од партијата бараат, освен за Трубарево, Јавното обвинителство да ја прошири истрагата за пожарите во Вардариште и Дрисла, која ќе ги опфати сите актуелни раководни струкури во време на пожарите, кои дозволија да се случи еколошка катастрофа со опасни здравствени последици.

Од Зелената партија ДОМ ги повикуваа сите пратеници во Собранието – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН и сите други политички партии – веднаш да се обединат и да подготват итни измени на Кривичниот законик, со кои подметнувањето пожар ќе биде јасно утврдено како кривично дело што ќе се третира како обид за убиство. (Dw)

Back to top button
Close