ПАЛАЧИНКИ ПО ПРОТОКОЛ

Живееме како заложници на партиите и на државната администрација. Како ќе обезбедат дополнително пари и за функционерите и за администрацијата? Ја намалија ли бројката на службеници што се на буџетска плата? Намалија трошоци? Зголемија ефикасност на државната администрација? Заштедија ли нешто? Укинаа ли некој празник, што верски, што национален, што религиозно-државен? Кога ќе си спои сега администрацијата од Велигден преку Бајрам, сосе постови и рамазански вечери, па во петок после 12 не се работело, ама не смееш да се побуниш оти не е политички коректно, па Први мај, Кирил и Методиј, Задушница, па лански одмор, па нов одмор… оди пробај да завршиш некоја работа, да извадиш некој документ, а притоа и да не ти го погрешат… Има кој да ринта за нив да им обезбеди плата. А тие од канцеларискиот компјутер, што исто така ние им го плаќаме, веќе си бараат предсезонски аранжмани за Грција, жалејќи се колку им е напорно и колку им е мала платата.

Ќе ја задолжиме државата за да го сервисираме сигурното гласачко тело. А кој ќе ги враќа кредитите? Функционерите ли ќе ги враќаат парите од зголемените плати? Администрацијата што ја купуваат за гласови пред секои избори ли ќе ги враќа кредитите? Пак приватниот сектор ќе ги враќа долговите на државата. Истиот приватен сектор што Владата го шиканира на секој чекор.

Ама ќе дојде ден кога веќе ќе нема пари за давање. Ај што ќе нема кој да плаќа, туку ќе нема ни кој да гласа. Ќе им остане само администрацијата, па ќе треба да почнат и од неа да земаат.

Кај нас нема штрајкови во приватните фирми. Штрајкува само администрацијата. Само ним нешто им фали, само ним им е мала платата, само тие се нешто несреќни и незадоволни. И само тие наоѓаат начин како да ја притиснат власта за да им ја покачи платата. Оти, тие не се на пазарот на трудот. Тие се на партискиот пазар.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close