Палестинците од новата израелска Влада не очекуваат промена на политиката

 Палестинците од окупираната Газа и Западниот брег денеска во голема мера ја исклучуваат можноста дека ќе почувствуваат било каква промена во израелското владеење, изјавувајќи дека крајнодесничарскиот лидер Нафтали Бенет, кој треба да го замени долгогодишниот премиер Бенјамин Нетанјаху, веројатно ќе ја води истата политика кон арапското малцинство.

Бенет, поранешен функционер на главната организација за еврејско населување на Западниот брег, ќе биде новиот премиер на Израел во првите две години од владеењето на новата владина коалиција, што беше договорена во средата пред полноќ, а во која е вклучена и арапската партија Раам.

-Нема разлика меѓу израелските лидери, вели Ахмед Резик, 29-годишен службеник во јавниот сектор во Газа.

„Тие се добри или лоши за нивната нација. А што се однесува до нас, сите тие се лоши, тие одбиваат да им ги дадат на Палестинците нивните права и земја“, смета Резак.

Басем Ал-Салхи, претставник на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), изјави дека Бенет не е помалку екстремен од Нетанјаху.

Хамас, исламистичка група што ја контролира Газа, соопшти дека нема да се промени ништо со новата влада.

-Палестинците низ историјата биле под десетици израелски влади, десни, левичарски, центристички, како што ги нарекуваат. Но, сите тие биле непријателски расположени кога станува збор за правата на нашиот палестински народ и сите имале експанзионистичка политика, изјави портпаролот на ова движење, Хазем Касем.

За првпат во историјата кон некоја израелска владеачка коалиција се приклучи арапска партија избрана од арапско население, што сочинува 21 процент од Израел.

Лидерот на партијата Мансур Абас кажа дека договорот за коалиција вклучува одвојување на над 16 милијарди долари за подобрување на инфраструктурата и борба против криминалот во градовите со мнозинско арапско население.

Но, Абас е критикуван и во Газа и на Западниот брег затоа што „застана на страната на непријателот“.

-Тој е предавник. Што ќе стори кога ќе го замолат да гласа за нова војна во Газа, прашува 21-годишниот Бадри Карам, жител на оваа енклава.

„Дали тоа ќе го прифати и ќе биде дел од убивањето Палестинци“, додаде тој.

Back to top button
Close