Палестинците во Газа се враќаат во урнатини и неизвесност

Многу од луѓето во Појасот Газа кои се враќаат дома по кревко примирје, наидуваат единствено на урнатини и загуба.

Со уништени домови и неизвесна иднина, лузните од војната се длабоки – а надежта за мир останува фрагилна

Несрин Хамад, мајка на три деца, беше во исчекување на вести од својот сопруг, кој тргнал на тешкиот пат до населбата Шеик Радван во градот Газа. Таа останала во Деир ал-Балах во централна Газа, каде што нејзиното семејство било раселено. „Мојот сопруг денеска отиде во нашиот дом во Шеик Радван. Знаевме дека таму е бомбардирано, но да се види со свои очи, е уште поболно“, раскажува Хамад по телефон за ДВ. Нивната куќа била целосно уништена, а голем дел од населбата е непрепознатлив. Нејзиниот сопруг е меѓу десетици илјади луѓе кои се вратија на северот од Газа откако Израел објави примирје во петокот на пладне. Видеата од тогаш покажуваат реки луѓе, многумина пеш, кои се движат кон север по крајбрежниот пат на Газа.

 

Фрагилен договор за прекин на огнот

Неделава по брзи индиректни преговори, милитантната група Хамас со седиште во Газа и Израел се согласија за план од 20 точки предложен од САД. Договорот треба да стави крај на двегодишната војна меѓу Израел и Хамас за да се постигне долгорочен мир на Блискиот Исток. Многу поконтроверзни прашања во амбициозниот американски план сè уште не се дискутирани во детали. Денеска (понеделник) Хамас ослободи уште 20 преостанати живи заложници, додека Израел треба да ослободи речиси 2 илјади палестински затвореници, од кои многумина немаат ни обвинение. Војната започна на 7. октомври 2023 година, кога Хамас – која САД, ЕУ и други ја сметаат за терористичка организација – изврши напади врз неколку израелски села и музичкиот фестивал Супернова во близина на Појасот Газа. Според израелските власти, околу 1.200 лица беа убиени во нападот од Хамас, а 251 беа одведени како заложници во Газа.

 

Војната „нѐ уби од внатре“

Иако Хамад вели дека е олесната што израелското бомбардирање престанало, тоа што го изгубила својот дом е уште едно болно поглавје во две години раселување и преживување. Нејзиното семејство било раселено 17 пати. „Војната заврши, фала му на Бога, но дури откако уби сè во нас. Уби пријатели, роднини и соседи. Ја уништи Газа. Нè претвори во психолошки урнатини. Посеа болести во нас – предизвикани од недостаток на лекови, од раселување и загадена животна средина“, вели Хамад, која се надева дека „војната никогаш нема да се врати и дека никогаш веќе нема да мора да го искусиме стравот”. ОН проценуваат дека околу две третини од зградите во Газа се оштетени или уништени од почетокот на војната до сега. Додека здравствените власти на Газа, контролирани од Хамас, пријавуваат повеќе од 67 илјади убиени – претежно цивили – независна комисија на ОН во врска со војната го употребува терминот геноцид – тврдење што Израел цврсто го негира.

 

„Израел си создаде непријатели за многу години“

Махмуд Афиф, татко на шест деца, беше меѓу оние што останаа во градот Газа дури и кога израелската војска ги интензивираше своите операции за да го заземе и окупира. Тој рече дека нема пари за превоз или сместување на југ. „Се движев меѓу три различни локации во западниот дел на градот Газа и, фала му на Бога, ниту едно од моите деца не е убиено, а и јас сум сè уште жив“, раскажува тој по телефон од градот Газа. Неговиот дом во Беит Лахија е срамнет со земја. „Го изгубив мојот дом, за кој неуморно работев цел живот да го изградам заедно со моите браќа, сè поради Хамас и Израел“, вели тој.

„Со сè што се случи во Газа во текот на изминатите две години не се постигна ништо. Напротив, ја врати Газа години наназад, а Израел си создаде непријатели за многу години“, вели Афиф. И покрај прекинот на огнот и делумното повлекување на Израелските одбранбени сили (ИДФ) на договорената линија во рамките на територијата како дел од првата фаза од договорот, војската ја задржува контролата врз најмалку 53% од Газа, според израелските власти. Портпарол на ИДФ вели дека многу области на север, исток и југ остануваат забранети и предупредува дека навлегување таму може „да ги загрози вашите животи“.

 

Чекање на вести од северна Газа

Фатен Лубад, млада Палестинка од Шеик Радван, исто така слушнала од роднини дека нејзиниот семеен дом е уништен. И покрај опасноста и многукратното раселување, семејството се обидело да остане близу својот дом во северниот дел на градот Газа. Но во септември интензивираниот израелски напад ги принудил да избегаат во Кан Јунис, на југот од Појасот Газа, каде што таа и нејзиното семејство се засолниле во поранешна затворска ќелија. Лубад вели дека веќе не гледа иднина за себе во Газа. „Враќањето на север е бесмислено ако сме го изгубиле нашиот дом – може да живееме таму привремено додека не ги добиеме нашите пасоши и потоа да избегаме од пеколот Газа, прво во Египет или која било друга земја“, вели Лубад и додава дека „војната во Газа можеби заврши, но пеколот продолжува“. „Не знаеме каква иднина нè чека“, вели Лубад.

 

Сомнеж дека прекинот на огнот ќе опстане

Во Газа владее голема вознемиреност, бидејќи многу жители се сомневаат оти прекинот на огнот ќе опстане. Кон средината на март 2025 година, Израел го прекрши претходниот договор и ја продолжи својата офанзива. Неодамна премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, предупреди дека Израел ќе се врати во војна ако Хамас не биде разоружана и Газа не биде целосно демилитаризирана. Иако борбите беа прекинати, тагата и траумата остануваат. Службите за итна помош во Газа велат дека ќе го искористат примирјето за да почнат да извлекуваат лешови. Се верува дека илјадници се закопани под урнатините од уништените домови. Други биле на брзина закопани во импровизирани гробови покрај патот или во дворови, бидејќи борбите не дозволувале соодветни погреби.

Родители како Несрин Хамад се загрижени за иднината. Нејзините деца немаат формално образование веќе две години, а големи делови од здравствениот систем на Газа се уништени. Иако договорот постигнат со посредништво на САД наведува дека треба да се дозволи помош во Газа, останува нејасно колку хуманитарна помош Израел реално ќе дозволи.

 

Кој ќе управува со Газа?

Потоа се поставува и политичкото прашање кој ќе управува со Газа. Предложениот план вклучува создавање на нова технократска палестинска администрација, надгледувана од меѓународни личности, вклучувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп и поранешниот британски премиер Тони Блер. Но, многу Палестинци велат дека се чувствуваат исклучени од процесот на донесување одлуки. „Не го сакам Хамас, ниту пак сакам некаква палестинска фракција“, вели Хамад и додава дека „секое меѓународно тело што може да нè управува и да ја обнови Газа би било добредојдено.“ И Махмуд Афиф размислува така. „Не знам кој ќе владее со Газа, но знам дека не сакам никој од претходната ера“, вели тој алудирајќи на Хамас која насилно ја презеде Газа во 2007. година од Палестинските автономни власти, кои владеат во ограничени делови од Западниот Брег окупиран од Израел. „Се надевам – за доброто на моите деца – дека кој и да ги предводи луѓето, ќе им направи подобра иднина“, вели тој.(dw)

Back to top button
Close